Апелација ја потврди и објави пресудата за „Монструм“

by fokus

Апелациониот суд неодамна ја потврди пресудата за случајот „Монструм“, а истата е јавно објавена на нивниот веб сајт на 1 септември. Второстепениот суд ги потврди казните на осудените, односно казната доживотен затвор останува за Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. Со правосилната пресуда потврдена е и казната за Хаки Азири кој беше осудуен на казна затвор од 9 години, а Фејзи Азири на казна затвор од 15 години. Единствено ослободителна пресуда доби обвинетиот Сами Љута.

– Апелациониот суд постапувајќи по изјавените жалби, откако ги
разгледа списите приложе и кон предметот, обжалената пресуда, жалбите и
писмениот предлог на Вишото јавно обвинителство, а имајќи ги предвид и
усмените наводи на странките изнесени на јавната седница, утврди:
Жалбите се неосновани, пишува во правосилната пресуда.

Адвокатот Насер Рауфи изјави дека тој се уште не ја добил пресудата, па затоа е неблагодарно да ја коментира. Сепак додава дека доколку првостепената пресуда е потврдена, осудените на доживотен затвор ќе имаат право на жалба пред Врховниот суд, и дека најверојатно ќе го искористат оваа право.

Покрај неразјаснетиот мотив за петкратното убиство, за овој случај секогаш во јавноста постоеше сомнеж и дека не се откриени сите извршители на грозоморниот чин. Обвинителката Фатиме Фетаи, во првостепената постапка, истакна дека таа не ја исклучува можноста во иднина за овој настан да бидат гонети и други лица доколку такво нешто произлезе од исказите на двајцата осудени кои во бегство.

-Доколку во иднина од исказите на Алил и Африм произлезе дека биле инволвирани и други лица, ќе почне кривична постапка со оглед дека гонењето за вакво кривично дело не застарува, рече обвинителката.

Петкратното убиство кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога беа убени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.

В.В.

Поврзани новости