Скопскиот апелациски суд го укина решението на основниот граѓански суд за изрекување на привремена мерка за обезбедување на средства во износ од 1,5 милиони евра на приватна компанија, од каде тврдеа дека постои реален долг од 467 илјади евра кој патем се уште е недоспеан, додека за материјалната штета од дополнителни над 1,1 милиони евра воопшто немало вештачење.
Имено, „Фокус“ веќе пишуваше за овој случај, во врска со кој тужената страна, освен што поднесе жалба до второстепениот апелациски суд, побара и изземање на предметната судијка во Основниот граѓански суд-Скопје 2, Бисера Стефковска Митиќ, додека истовремено поднесе и претставка до Судскиот совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.
Што точно објавивме? Нецел месец по основањето во 2022 година, компанијата „АР Груп“ склучила преддоговор со „МКМ Експрес“ за купување на деловен простор од 637 квадратни метри, плус гаражни места, за вкупна цена од 1.451.393 евра. Меѓутоа, купувачот воопшто не го уплатил авансот, по што двете страни склучуваат анекс со нова динамика на плаќање, која повторно не ја почитува купувачот. Набргу потоа, тие склучуваат и втор анекс, по што „АР Груп“ врши 2 уплати од вкупно 467 илјади евра.
Арно ама, и двете уплати биле задоцнети и пониски од висината на договорените рати. Во таква ситуација, продавачот одлучил да го раскине преддоговорот, со обврска да ги врати уплатените средства откако истиот деловен простор ќе го продаде на други субјекти. Сепак, „АР Груп“ не ги чекал средствата назад, туку одлучил по судски пат да ги бара од „МКМ Експрес“ не само уплатените 467 илјади евра, туку и дополнителни над 1,1 милиони евра во име на материјална штета.
Инаку, откако скопскиот граѓански суд одлучи да го прифати предлогот на „АР Груп“ да донесе решение за привремена мерка за обезбедување на 1,5 милиони евра на „МКМ Експрес“, тужената компанија испорача сериозни тврдења дека целиот случај се карактеризира со пристрасно, непрофесионално и незаконско постапување од страна на судијката Стефковска Митиќ, поради што побараа нејзино изземање во предметот и поднесоа претставка за утврдување на одговорност.
Исто така, тужениот „МКМ Експрес“ поднесе и жалба за решението за привремена мерка до апелација, во која, меѓу другото, се наведува дека судијката не направила напор тужбата да ја достави до тужениот, првично оневозможувала увид во предметот, иницирала преиначување на предлогот за привремена мерка, донела решение за обезбедување на 1,5 милиони евра, иако реалниот долг од 467 илјади евра е недоспеан, додека за наводната материјална штета од 1,1 милиони евра немало вештачење…
Во меѓувреме, апелацискиот суд донел одлука по однос на оваа жалба. Поточно, 3-член совет во април донел решение со кое жалбата на „МКМ Експрес“ се уважува, што значи решението на понискиот граѓански суд за изрекување на привремена мерка се укина и предметот се враќа на повторно одлучување. Во решението на второстепениот суд стои дека, по оценка на жалбените наводи на тужениот и одговорот на тужителот, одлучил дека жалбата е основана, со образложение дека првостепеното решение е нејасно и неразбирливо.
„Основан е жалбениот навод на тужениот дека првостепениот суд, со донесување на обжаленото решение, сторил суштествена повреда на одредбите на парничната постапка и Законот за обезбедување на побарувања. Ова од причина што, по оценка на овој суд, обжаленото решение е нејасно, неразбирливо, не содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел првостепениот суд кога одлучил дека предложената привремена мерка е оправдана и дозволена, па како такво има недостатоци…“, стои во решението на апелацискиот суд.
Односно, повисокиот суд оценил дека првостепениот суд пропуштил да изврши т.н. уредна достава кон тужениот на тужбата со предлогот за издавање на привремена мерка, со што не му дал можност да расправа пред судот и да се изјасни за барањата и наводите на тужителот. Со таквиот начин на постапување, според апелација, граѓанскиот суд сторил суштествена повреда на одредбите од парничната постапка, бидејќи не направил 2 последователни обиди да се изврши „уредна достава“, како што налагала нормата.
„Како што основано се укажува во жалбата на тужениот, овој суд цени дека првостепениот суд, претходно елаборираната суштествена повреда на одредбите на парничната постапка, продуцирала донесување на одлука само врз основа на наводите и доказите на тужителот. Дотолку повеќе што, судот не извршител целосна и грижлива оцена на приложените докази, поради што не ги утврдил во целост сите решителни факти кои се од релевантно влијание врз исполнетоста на законските претпоставки за издавање на предложената времена мерка…“, наведува апелацискиот суд.
Дополнително, во решението на овој суд стои дека понискиот граѓански суд, одлучувајќи на начин како што одлучил во обжаленото решение што се укинува, ги ценел само наводите и доказите на тужителот, наведувајќи: „Дотолку повеќе што не дал доволно јасни и образложени причини за својата одлука, а заклучоците ги извел врз основа на селективна оцена на доказите кои се содржани во списите на предметот, поради што судот не бил во можност ниту правилно да го примени материјалното право“.
Имајќи ја во предвид целта на институтот привремена мерка, апелација наведува дека првостепениот суд нужно мора да расчисти дали тужителот истакнал 4 посебни тужбени барања, или, пак, тие се во заемна правно-последична врска. Иако тужителот навел дека привремената мерка ја побарал за обезбедување на парично побарување по основ на уплатени средства и по основ на надомест на штета, во решението на апелација стои дека за овој суд е дискутабилно дали воопшто тужителот има побарувања кон тужениот, во услови кога основниот суд не утврдил во каква врска се тужбените барања?
„За овој суд е неприфатливо правното образложение на првостепениот суд во однос на исполнетост на условот дека тужителот со доказите го сторил веројатно постоењето на побарувањето, од причина што, во услови кога воопшто судот не утврдил дали и какво побарување има тужителот спрема тужениот кое сака да го обезбеди со предложената привремена мерка, во корелација со тоа дали во тужбеното барање од деклараторен карактер е содржано побарување на кое може да му се цени веројатноста“, наведува апелацискиот суд.
Воедно, во решението стои и дека не може да го прифати образложението од основниот суд дека тужителот не мора да ја докажува веројатноста од осуетување на побарувањето. Во тој контекст, второстепениот суд смета дека првостепениот суд, при донесување на решение за привремена мерка за обезбедување на над 97 милиони денари на тужениот, не водел сметка за Европската конвенција за заштита на човекови права, во смисла дека мора да постои пропорционалност и баланс меѓу правото кое тужителот сака да го заштити и заштитата на правото на сопственост на тужениот.
„Времената мерка треба да биде сразмерна на побарувањето кое е предмет на заштита, да биде средство за обезбедување, а не средство за извршување на побарувањето на доверителот. Во спротивно, мерката нема да ја постигне целта“, стои во решението на апелација, која на крајот му укажува на граѓанскиот суд во повторената постапка да ја отстрани сторената суштествена повреда, да донесе јасна и разбирлива одлука, да утврди со сигурност дали привремената мерка е оправдана или не, без да се впушта во утврдување на факти со кои би ја прејудицирал одлуката по тужбените барања итн.
По ваквата одлука на апелација, вчера се одржа повторено рочиште во скопскиот граѓански суд, на која двете страни останаа на првичните позиции. Така, тужителот „АР Груп“ остана на барањето за изрекување на привремена мерка по втор пат за обезбедување на 1,5 милиони евра на тужениот „МКМ Експрес“. Во таа насока, правните застапници на тужителот посочија дека доставени се 45 докази во прилог на тужбеното барање.
Покрај останатото, правниот тим на тужителот посочи дека „АР Груп“ ги исполнил обврските од преддоговорот и анексите и ја почитувал договорената динамика на плаќање. И покрај тоа, како што посочија, тужениот „МКМ Експрес“ со изјава го раскинал преддоговорот, со што тужениот создал услови за тужителот да не може да продолжи да ги исполнува договорените обврски. Според нив, тужениот самиот признал дека добил/примил средства од тужителот.
Во продолжение, адвокатите на тужителот истакнаа дека тужениот не постапувал чесно и совесно и дека истовремено располага и со имот и со туѓи пари, посочувајќи штетата е веќе утврдена и ненадоместлива. Без раскинувањето на преддоговорот од страна на тужениот, како што посочија, тужителот досега ќе го уплател цел износ и денес ќе го поседувал недвижниот имот. Наместо тоа, додадоа, тој останал без имот, но и без средствата што ги уплатил за негово купување, кои се уште не му се вратени.
Веднаш потоа, се обратија правните застапници на тужениот „МКМ Експрес“, нагласувајќи дека остануваат на позицијата за отфрлање на барањето за привремена мерка. Како што посочија, од страна на застапниците на тужителот слушнале се и сешто, но не аргументи зошто барањето за привремена мерка е основано. Притоа, нагласија дека претходно донесеното решение за привремена мерка е веќе укинато од апелацискиот суд.
Според адвокатите на тужениот, побарување не постои, бидејќи судот се уште не го потврдил долгот. Односно, додадоа тие, во оваа фаза од постапката не постои парично побарување, од причина што тоа е недоспеано и не е сторено веројатно. Токму на овие состојби укажува повисокиот апелациски суд, па, според нив, основниот граѓански суд мора тоа да го земе во предвид, дотолку повеќе што привремената мерка му прави проблеми на тужениот, во смисла да не може да ги исполнува обврските.
Понатаму, истакнаа дека факт е оти има преддоговор и анекси, како и дека тужителот направил уплати, но не според договореното. Патем, додадоа дека тужбеното барање е нејасно, односно уплатените средства од тужителот не се спорни и тие треба да се вратат во рок од 30 дена откако имотот ќе биде продаден под исти услови, меѓутоа, според нив, во никој случај не може да се бара надомест на штета без економско и финансиско вештачење. Моментално, како што велат, постои вештачење за уплатените средства, но не и за надомест на штета.
На крајот, судијката Стефковска Митиќ посочи дека кога судот ќе донесе формално решение, тоа ќе биде доставено до странките. Претходно, пак, таа информираше дека барањето на тужениот за нејзино изземање е одбиено од страна на судот. Со оглед на сериозните обвинувања што на нејзина сметка ги испорача тужениот во случајов, неодамна се обративме директно до судијката, која тогаш ни изјави дека судот постапувал идентично за сите случаи.
„Во однос на Вашите тврдења дека ова тужено правно лице има намера да поднесува претставки до Судскиот совет, барање за изземање итн., Ви укажувам дека слободна диспозиција на волја е на секоја странка да поднесува што сака и до кого сака, а своето незадоволство од одредена одлука на судот има право секако да го изрази преку редовен правен лек – жалба“, ни одговори таа, по што барањето за нејзино изземање беше отфрлено, но жалбата до апелацискиот суд беше усвоена, што значи дека првостепеното решение е укинато.
Влатко СТОЈАНОВСКИ


