Зошто граѓанска судијка одеднаш заработи 2 претставки за утврдување одговорност поради нестручно и несовесно работење?

Во однос на поднесени барања за утврдување на одговорност на судии во 2025 година, поднесени се 90 барања, при што 64 биле отфрлени, по 15 се запрени постапките, а за 11 постапката е во тек, велат за „Фокус“ од Судскиот совет. Што се однесува до тековната 2026 година, според информациите до кои дојдовме, речиси истовремено една судијка заработила 2 претставки. Станува збор за судијката во Основниот граѓански суд Скопје, Бисера Стефковска Митиќ, за која во февруари и март годинава биле поднесени претставки или барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Какви наводи содржат тие?

by vlatko 15:42
15:42

За само една година, во текот на ланската 2025 година, поднесени биле 425 претставки за работата на судовите, судии и претседатели на судови, информираат од Судскиот совет, кој е надлежен да избира и да разрешува судии, да ја следи и оценува нивната работа, да одлучува за утврдување на одговорност и одземање на имунитет на судија, да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите итн.

„Во однос на поднесени барања за утврдување на одговорност на судии во 2025 година, поднесени се 90 барања за утврдување на одговорност, 64 поднесени барања биле отфрлени од страна на Комисија на известители по основ ненавремени, нецелосни или очигледно неосновани. Запрени се постапки со Одлука на Судски совет по 15 поднесени барања, а за 11 барања постапката е во тек“, ни одговорија од Советот.

Што се однесува до тековната 2026 година, според информациите до кои дојдовме, речиси истовремено една судијка заработила 2 претставки од различни субјекти или подносители. Станува збор за Бисера Стефковска Митиќ, која, по завршувањето на Академијата за судии и јавни обвинители како дел од генерацијата 2017-2019, е избрана за судијка во Основниот граѓански суд Скопје 2 кон средината на 2021 година со одлука на Судскиот совет.

Неколку години подоцна, до Советот доставени се 2 претставки против Стефковска Митиќ, а за една од нив веќе пишуваше „Фокус“. Имено, се работи за претставка/барање поднесена до Судскиот совет од страна на друштвото „МКМ Експрес“ на 13-ти март годинава, за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судијката поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.

Односно, оваа претставка врз основа на член 76 од Законот за судовите е поради постапувањето на Стефковска Митиќ во рамки на предметот каде таа одлучи да донесе решение за привремена мерка за обезбедување на средства во износ од 1,5 милиони евра на „МКМ Експрес “, иако, како што тврдат од друштвото, постои реален долг од 467 илјади евра кој се уште е недоспеан, додека за материјалната штета од дополнителни над 1,1 милиони евра воопшто немало вештачење.

Што точно објавивме? Нецел месец по основањето во 2022 година, компанијата „АР Груп“ склучила преддоговор со „МКМ Експрес“ за купување на деловен простор од 637 квадратни метри, плус гаражни места, за вкупна цена од 1.451.393 евра. Меѓутоа, купувачот воопшто не го уплатил авансот, по што двете страни склучуваат анекс со нова динамика на плаќање, која повторно не ја почитува купувачот.

Набргу потоа, тие склучуваат и втор анекс, по што „АР Груп“ врши 2 уплати од вкупно 467 илјади евра. Арно ама, и двете уплати биле задоцнети и пониски од висината на договорените рати, па продавачот одлучил да го раскине преддоговорот, со обврска да ги врати уплатените средства откако истиот деловен простор ќе го продаде на други субјекти. Сепак, „АР Груп“ не ги чекал средствата назад, туку одлучил по судски пат да ги бара од „МКМ Експрес“ не само уплатените пари, туку и дополнителни над 1,1 милиони евра во име на материјална штета.

Откако скопскиот граѓански суд одлучи да го прифати предлогот на „АР Груп“ да донесе решение за привремена мерка за обезбедување на 1,5 милиони евра на „МКМ Експрес“, тужената компанија испорача сериозни тврдења дека целиот случај се карактеризира со пристрасно, непрофесионално и незаконско постапување од страна на судијката Стефковска Митиќ, поради што поднесоа жалба до второстепениот апелациски суд.

Во нивната жалба, меѓу другото, се наведува дека судијката не направила напор тужбата да ја достави до тужениот, првично оневозможувала увид во предметот, иницирала преиначување на предлогот за привремена мерка, донела решение за обезбедување на 1,5 милиони евра, иако реалниот долг од 467 илјади евра е недоспеан (имагинарно побарување), додека за наводната материјална штета од 1,1 милиони евра немало вештачење…

Патем, дел од овие наводи се составен дел и од претставката до Судскиот совет, каде подносителот „МКМ Експрес“ наведува дека постапувањето и одлучувањето на судијката во овој предмет не е во согласност со член 3 од Законот за судовите, кој предвидува непристрасно применување на правото, заштита, почитување и унапредување на човековите права и слободи, обезбедување на еднаквост, рамноправност и недискриминација, обезбедување правна сигурност преку владеење на правото итн.

„Во конкретниот случај, пристрасноста на судечкиот судија се манифестира преку еднострано толкување, прифаќање на наводите и доказите истакнати и предложени само од страна на тужителот и целосно игнорирање на фактите и околностите кои произлегуваат од доказите, а се во корист на тужениот, како и со самиот факт што судот му го ускратил основното елементарно право на тужениот да учествува и расправа во постапката, со што целосно се нарушува еднаквоста и рамноправноста.

Ваквото постапување на судечкиот судија не е во склад со начелата предвидени со член 10 од Законот за судовите, со кои се гарантира законитост и легитимност, рамноправност на странките и правичност. Повредите на кои се укажува во ова барање очигледно е дека се сторени со намера или небрежност по вина на судијата без оправдани причини, со што намерно и неоправдано е направена крупна професионална грешка…“, стои во претставката потпишана од Владимир Гајдов.

Дополнително, во неа се додава дека судовите се должни со својата функција да обезбедуваат единство во примената на законите, при што се наведува:„Сметаме дека судечкиот судија не дава и не овозможува елементарни услови тужениот да ги остварува своите законски загарантирани права во смисла на фер судење преку принципот на еднаквост на оружјата како поширок концепт на правично судење… Тоа подразбира фер баланс меѓу странките…“.

Со оглед на сериозните обвинувања што на нејзина сметка ги испорача тужената компанија „МКМ Експрес“, која во жалбата пред апелацискиот суд и во претставката до Судскиот совет нотира дека постапувала пристрасно, непрофесионално, незаконско во предметот по тужбата на „АР Груп“, се обративме до судијката Стефковска Митиќ.

Откако прво испорача дисквалификации за непрофесионално однесување, па дури и за вознемирување поради тоа што прашањата сме и ги пратиле по пат на телефонска порака наместо на официјалната страна на Судот, иако судиите се јавни функционери, ни го достави следниот одговор, истовремено праќајќи го и до Судско-медиумскиот совет:

„Во судот е заведен предмет ТС1-328/25 и ТС1-329/25 по тужба на тужителот Друштво за градежништво, трговија и услуги АР ГРУП 2022 ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, против тужениот Друштво за дистрибуција, трговија и услуги МКМ ЕКСПРЕС ДОО Скопје, за раскинување на преддоговор за купопродажба на недвижен имот, анекс кон преддоговорот и анекс бр.2 кон преддоговорот, и надомест на материјална штета, вредност на спорот 97.560.812 денари.

Тужбата е воедно со предлог за изрекување привремена мерка (поради тоа овој спор носи два судски броја), и истата е поднесена преку адвокат. Овој суд најпрво одлучуваше по предлогот за привремена мерка, а согласно Законот за обезбедување на побарувањата.

Примерок од тужбата со докази беше доставена на регистрираното седиште на туженото правно лице, согласно тековната состојба од ЦР, и по 2 последователни неуспешни обиди за достава, од причина што писменото се врати во судот во двата наврати со назнака недоволна адреса и непознат, Судот изврши повторен увид во најновата извадена тековна состојба за тужениот, каде констатираше дека седиштето на тужениот е непроменето и идентично со она на кое Судот вршеше достава, па согласно Законот за парнична постапка, тужбата со сите докази беше објавена на огласната табла на судот.

Ова постапување на судот е идентично за сите вакви случаи кога се работи за правни лица и истото е јасно уредено во Законот за парнична постапка. Судот одржа и рочиште за привремена мерка, а со оглед на карактерот на овие постапки кои се од итна и неодложна природа, по одржувањето на истото беше донесено и Решение за издавање на привремена мерка од 24.02.2026 година.

Решението веднаш на 25.03.2025 година е од страна на судот доставено на адресните податоци од тековната состојба за тужениот, меѓутоа во судот до 10.03.2026 година не е вратена ниту доставница за уредна достава на истото, ниту пак е вратено писменото како неуредно, поради што Судот не може да ви даде информација во врска со тоа дали тужениот го има примено или не предметното решение.

Согласно тоа, предметното решение за привремена мерка не е правосилно, односно истото подлежи на жалба во законски определениот рок по приемот на истото.

Во однос на Вашите тврдења дека ова тужено правно лице има намера да поднесува претставки до Судскиот совет, барање за изземање итн., Ви укажувам дека слободна диспозиција на волја е на секоја странка да поднесува што сака и до кого сака, а своето незадоволство од одредена одлука на судот има право секако да го изрази преку редовен правен лек – жалба…“

Во исчекување на епилогот на жалбената постапка околу привремената мерка и од претставката до Судскиот совет, во меѓувреме до Советот стигнала уште една претставка за Стефковска Митиќ „поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција“, која е поднесена на 3-ти февруари годинава од страна на компанијата „Настел“ на Зоран Азманов. Воедно, истата претставка е доставена и до Владата.

Покрај останатото, во неа подносителот наведува дека, во смисла на членовите 1, 40 и 74 од Законот за судски совет, како надлежен орган кој го контролира работењето на судиите, бара поведување на постапка за утврдување на одговорност на Стефковска Митиќ поради нејзино „нестручно и несовесно вршење на судиската функција, при донесување на Пресудата ТС1-221/24 од 10.12.2025 година на Основниот Граѓански суд Скопје“.

Станува збор за постапка поведена по тужба на Машинопромет АД Скопје-во стечај, со кое бара да се утврди ништовност на Договорот за залог-хипотека на недвижен имот кој се наоѓа во Скопје на ул. Прашка бр. 23 (деловен простор и градежно земјиште во површина од вкупно 5.900 квадрати), сите на КП 3327/3, опишани во ИЛ 13020, заверен во 05.02.2004 година и склучен помеѓу АД Радобанк Скопје – во стечај како заложен доверител, Техноком Скопје како должник и сега тужителот АД Машиноромет како заложен должник, да се задолжи тужениот врз основа на оваа пресуда да трпи бришење на запишаното право на залог-хипотека…“, пишува во претставката.

Понатаму, во неа стои дека подносителот „Настел“ е доверител со утврдени побарувања кај стечајниот должник „Машинопромет АД Скопје “, кој се јавува како тужител во погоре цитираната судска постапка, и тоа, според подносителот, со утврдено побарување во вкупен износ од 71.053.290 денари со камата на овој износ од отварање на стечајната постапка до конечната исплата.

„Па, истиот има правен интерес Машинопромет АД Скопје-во стечај да успее во постапката поведена пред Основниот граѓански суд Скопје, со цел да се создаде стечајна маса со побивање на договорот чија ништовност се бара во оваа постапка, од која стечајна маса ќе може да се намири не само Настел, туку и државата преку УЈП со утврдено побарување во вкупен износ од 32.181.755 денари со камата сметано од денот на отварање на стечајната постапка 03.09.2018 година до денот на исплатата.

Воедно, доколку се успее во погоре цитираната судска постапка, ќе има и остаток од стечајна маса за акционерите, каде и државата е акционер со 30% од вкупниот број на акции во ова друштво. Станува збор за целосно неазконита пресуда донесена од страна на судијата Стефковска Митиќ…“, стои во претставката, каде уште се посочува дека „Машинопромет“ поднел жалба пред Апелациониот суд Скопје на 30.01.2026 година.

Притоа, подносителот „Настел“ во претставката со која располагаме навлегува и во суштината на спорот, образложувајќи дека ниту еден доверител нема да може да се наплати, доколку овој договор кој, според подносителот, е предмет на сторено кривично дело, не биде прогласен за ништовен, бидејќи е склучен спротивно на Статутот на друштвото и спротивно на Законот за трговски друштва.

„Доколку биде прогласен за ништовен договорот, а имотот на Машинопромет АД Скопје би се впаричил согласно Законот за стечај, многу е извесно дека сите доверители ќе бидат уредно намирени, а остатокот на сретствата како остаток од стечајна маса, ќе биде распределен на акционерите меѓу кои вработените како акционери и државата како мнозински акционер со 30% од акциите.

Доколку оваа хипотека остане во сила, тоа значи дека државата нема да наплати ниту еден денар од своето побарување преку УЈП, кое изнесува 600.000 евра со камата, ниту пак ќе наплати како акционер остаток од стечајната маса, бидејќи е 30% акционер, ниту пак ќе ја наплати земјата која е 5.900 квадрати во вредност од по најниска цена 1.800.000 евра, а реална пазарна цена 6.000.000 евра на таа локација.

Тоа значи дека со оваа пресуда најмногу се оштетува државата, преку 6.500.000 евра, па потоа Настел кој сите побарувања на најчесен начин си ги плати и откупи во вредност од 100 отсто од утврдените побарувања на поголем број на доверител, и на тој начин го спречи Пуцко Петрол да не ги купува од доверителите за 40%, како што истиот нудеше во планот за реорганизација на Машинопромет АД Скопје, а кој план беше одбиен поради тоа што Настел понуди 100%“, стои во претставката.

Згора на тоа, подносителот најавува дека за оваа голема корупција од значителни размери ќе биде известена целата македонска јавност, но ќе биде и поднесена соодветна кривична пријава до Јавното обвинителство и до Финансиската полиција. Од таму во поднесокот до Судскиот совет истакнуваат дека доколку „ваквата незаконита пресуда“ не биде укината, а судијката не биде разрешена, тоа, според нив, ќе значи охрабрување и други судии слично да постапуваат.

Од Судскиот совет велат дека наводите во двете претставки против именуваниот судија Стефковска Митиќ се предмет на разгледување од страна на повисок надлежен суд. Од таму додаваат дека во текот на ланската година по правосилна завршена постапка разрешен е еден судија. Тоа е апелацискиот судија Енвер Беџети, кој заврши на „црна листа“ на САД заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби, бидејќи двајцата биле вмешани во „значителна корупција“ и уривање на судски процеси против екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Инаку, Советот со решение ќе утврди престанок на функција на судија, кога е исполнет некој од основите утврдени со Уставот на начин определен со закон, односно: по барање на судијата, ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиска функција, со навршување на 64 години, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку 6 месеци и ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен во случаи на мирување утврдени со закон.

Во делот на основите за разрешување на судија, треба да се напомене дека судијата се разрешува од судиската функција поради сторена потешка дисциплинска повреда пропишана со закон што го прави недостоен за вршење на судиската функција, како и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Во однос на првото, Советот може да изрече дисциплинска мерка како писмена опомена, намалување на плата и сл., но и да го разреши судијата поради потешка дисциплинска повреда.

Во врска со делот на нестручно и несовесно работење, Комисија во рок од 15 дена по завршувањето на расправата поднесува извештај за констатираната состојба и дава предлог до Советот, кој, пак, токму врз основа на овој предлог може да ја запре постапката доколку не е утврдено нестручно и несовесно вршење на судиската функција, но може и да го разреши судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Обвинувања за незаконие во граѓанскиот суд: За недоспеан долг од 467 илјади евра, судијка ѝ замрзна на компанија 1,5 милиони евра без вештачење!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести