Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ – 157/22, во јавноста познат како ТНТ, на нејавена седница на ден 16.11.2023 година, ги уважи жалбите на обвинетите Ј.М. од С. и Е.Н. од С. изјавени против Решение за исправка на Основен кривичен суд Скопје од 01.09.2023 година и истото го укина од следниве причини:
Решението за исправка КОК-53/17 на Основниот кривичен суд Скопје е донесено од судија на 01.09.2023 година на кого предметот му е доделен во работа со одлука на Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје на ден 07.09.2023 година.
Исто така, првостепениот суд Решението за исправка го донел спротивно на одредбите на ЗКП во совет составен од петмина судии, а согласно ЗКП ваква одлука носи претседателот на совет.
Во донесувањето на Решението за исправка учествувале двајца судии поротници кои не смееле да постапуваат и одлучуваат затоа што Судскиот совет на Република Северна Македонија на ден 09.08.2022 година го разрешил судијата поротник Т.Т.С., а на ден 27.09.2022 година го разрешил и другиот судија поротник К.К., а станува збор за Решение донесено на ден 01.09.2023 година. Дополнително, во списите на предметот нема Записник за советување и гласање.
Со оглед да исправката е по однос на член 409 став 2 од ЗКП во делот на изреката по однос на неусогласеност на изречената казна по висина, помеѓу Изворникот на пресудата и писмено изработената пресуда, согласно податоците од член 404 став 1 точка 3 од ЗКП првостепениот суд погрешно ја примени одредбата од член 409 став 2 од ЗКП.