Апелација го „спаси“ Мијалков, за две години му застарува делото за прислушувањето

by fokus

Откако денеска Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното нелегално прислушување во УБК, големи се шансите обвинетиот Сашо Мијалков да се „извлече“ од случајот, бидејќи неговото дело застарува за две години.

Поточно, на почетокот на 2025 година, застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од две години од сега, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и истата да стане правосилна. Во спротивно, се досега ќе пропадне во вода.

За да се добие целосна слика, првиот пат пак само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од три години.

Ваквото сценарио најмногу му одговара на Мијалков, кој Кривичниот суд го осуди на 12 години затвор.

Тој се гонеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5 години, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години. Тој ги доби максималните казни предвидени за секое дело, или единечна казна од 12 години.

Но казната, уште невлезен во „Идризово“, почна да му се топи. Минатата година во февруари му застари делото за “Примање награда за противзаконито дејствување”. Останатите две дела застаруваат за 10 години од сторувањето, или точно на почетокот на 2025 година.

Но, застарувањето претставува опасност само за делот со прислушувањето, односно за „Таргет“. Вториот дел од предметот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување, не е под ваква закана.

Е за овој дел не е обвинет поранешниот прв човек на УБК, туку екс министерката Гордана Јанкулоска, која беше осудена на 4 години затвор. Иако нејзнината казна е далеку помала од онаа на Мијалков, сепак, таа не може да се надева на застарување. Пред иста мака се исправени и осудените Тони Јакимовски, како и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, сите поранешни вработени во УБК.

Поволноста за Мијалков е во тоа што против него беше поднесен обвинителен предлог, со кој се запретени помали казни, односно до 5 години, поради што и апсолутната застареност настапува за 10 години. За останатите пак беше поднесен обвинителен акт, со кривични дела за кои е предвидена повисока казна, а поради тоа и застарувањето е засега недостижно.

В.В.

Поврзани новости