Апелација го пушти на слобода Беким Незири – Вишото обвинителство на страна на осомничените

by fokus

Апелациониот суд му го укина куќниот притвор на претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири кој беше на чело на групата која упадна во Македонската навигација.

Второстепениот суд во соопштение за јавноста вели дека ги уважил жалбите на осомничените, го укинал куќниот притвор и на Незири и уште еден осомничен  и му ги оставил мерките за претпазливост кои првично им ги одреди Кривичниот суд.

Судот оценил дека скопското обвинителство не приложило докази дека тие осомничените може да избегаат, дека може да ја попречуваат истрагата и да влијаат на сведоци или да го повторат делото.

-Судот, ценејќи ги доказите приложени кон доставениот предлог за определување на мерка притвор, а имајќи предвид дека единствен доказ кој се однесува на осомничените е потврдата за привремено одземени предмети како и наводите во изјавената жалба на ОЈО Скопје против Решението на судијата на претходна постапка и образложението на обжаленото решение, оцени дека во истите не се приложени докази ниту се истакнати факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, ниту се наведени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, а имајќи ги предвид личните прилики на осомничените и нивното однесување по сторување на кривичното дело за кое се сомничат, се вели во соопштението.

На страната на обвинетите било и Вишото јавно обвинителство кое предложило да се уважат жалбите на осомничените.

На слобода е пуштен е осомничениот вработен во компанијата „2 СС Кичево“, иако тој им дозволил влез на осомничените во објектот.

Осумте лица се сомничат за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Судиите за претходна постапка им одреди прво мерки на претпазливост, но потоа Кривичниот совет ја преиначи одлуката и им одреди куќен притвор.

Со одлуката на Апелација на сила се следните мерки за претпазливост

Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето,

Обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот,

Одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и Забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација.

Поврзани новости