Апелациониот суд го ослободи од затвор порснешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и за предметот “Плацевите на Водно”, додека на неговиот братучед, Никола Груевски кој е во бегство, му ја зголеми затворската казна за две години.
На Мијалков му е преиначена затворската казна на условна осуда, а на Груевски му е зголемена затворската казна од седум на девет години.
Пресудата била донесена на 14 февруари, а соопштена е денеска.
-Апелациониот суд Скопје пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.63/21 од 21.04.2022 година, во осудителниот дел под I од изреката, ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција на начин што:
– на обвинетиот Н. Г. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст.1 од Кривичниот законик, му се утврдува казна затвор во траење од 7- седум години, а за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3 – три години и 6 – шест месеци и согласно чл.44 од Кривичниот законик, СЕ ОСУДУВА на единствена казна затвор во траење од 9 – девет години
– на обвинетиот С. М. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, му се изрекува алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА така што одмерената казна затвор во траење од 1- една година и 3 – три месеци, во која му е засметано и времето поминато во притвор сметано од 22.12.2021 година до 29.12.2021 година се зема за утврдена и се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 4 – четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, велат од Апелација.
За Груевски Апелација оценила дека првостепениот суд недоволно ги ценел отежителните околности и ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по однос на изречената казна и одлучи како во изреката.
За Мијалков, кој е помагач од член 24 на Кривичниот законик за кривично дело, кој не преземал реални дејствија и постапки, туку дејствијата му се вербални, советот оценил дека првостепниот суд го повредил член 24 од Кривичниот законик, во кој е наведено дека помагачот се казнува исто или поблаго од сторителот на делото.
-Имајќи го во предвид член 24 од Кривичниот законик и во сооднос и корелација на казните на Н.Г. од С. (кој е во бегство),, Ј.К: – една година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка условна осуда, Р.Н. Алтернативна мерка – условна осуда директни сторители со конкретни дејствија и постапки, како и одлуките на Врховниот суд на РСМ и Врховните судови на земјите од поранешна СФРЈ, одлучи како во изреката, образложува Судот.
За конфискацијата Апелација ја потврди пресудата со која е конфискуван целокупниот недвижен имот во приближна вредност од 3 милиони евра.
Апелација вчера му ја потврди ослободителната пресуда на Мијалков за “Тортура”, а претходно му ги укина пресудите за масовното прислушување и за “Трезор”.
Кривичниот суд пред една година го осуди поранешниот премиер Никола Груевски на казна затвор од 7 години, а неговиот братучед и поранешен прв човек на УБК, Сашо Мијалков, доби една години и три месеци затвор за случајот „Плацеви на Водно“, односно за тајниот имот на екс премиерот.
На помала казна, од една година затвор, е осуден бизнисменот Орце Камчев , а кумот на Груевски, Ристо Новачевски, е осуден на условна казна затвор од две години.
Меѓу обвинетите беше и Ненад Јосифовиќ кој исто така доби условна казна од две години, како и Ратка Камчева, која се ослободува од вина, бидејќи за неа кривичното дело е застарено.
При објавата на пресудата, судијата Илија Трпков тогаш истакна дека ќе ја презентираат „Белизе шема“, односно како парите на граѓаните од Македонија, завршиле во фирми во Белизе и потоа повторно се враќале назад, со кои тогашниот премиер си купил имот, во вредност од 1,3 милиони евра.