Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува трогателна сторија за 37-годишниот Јане Пирганоски од Прилеп, кој веќе 20 години е во будна кома, а од 2007 година е сместен во прилепската болница. Неговото семејство сведочи дека поминало трнлив пат по здравствените лавиринти, но за Јане не се нашле начин да замине на лекување во странство, каде што неговите блиски очекуваат дека тој ќе има подобрување на здравствената состојба.
– Имав пет обиди да го однесеме Јане во странство на лекување, имав позитивен одговор од клиника од Полска, од Грција, од Бугарија. Фондот за здравствено осигурување беше глув за моите барања! Иако гледаат дека нема напредок овде, дека нема соодветна институција, со прст не се мрдна да се помогне.
До сите можни врвни политичари стигнав, каде ли уште не се обратив, насекаде само ветувања, но конкретен чекор нема од никого – вели Љупчо Пирганоски, таткото на Јане Пирганоски.
Според него, неговиот син не е единствениот што е во ваква состојба.
– Манипулирање, играње со човечки судбини! Не е само Јане, знам за слични случаи со будна кома кај млади лица од Велес, Куманово, Кочани… Имав контакти во минатото со некои од овие семејства, денес веќе изгубив надеж, немам сили, не знам што се случува со нив.
На сите им беше кажувано да си ги носат децата дома и самите да се грижат за нив! Државата крева раце од нив, а истовремено не им дава шанса за лекување во странство. Кој апсурд е тоа – раскажува таткото.
Во прилепската болница, секојдневно со Јане бил присутен некој член на семејството. Притоа, блиските постојано му правеле вежби и физиотерапија, со цел да не добие декубитуси и да ги одржуваат неговите мускули и зглобови.
(ФОТО+ВИДЕО) Трогателна сторија: Јане од Прилеп цели 20 години е во будна кома!
Како што вели таткото, во годините откако бил сместен во Прилеп, трипати им се случило да му биде загрозен животот, поради нестручно постапување со него.
– Професионална нега не добива, бидејќи не ни има стручен кадар што е обучен за вакви лица. Поради несоодветна нега, трипати ќе го изгубевме, реагирав, насекаде се жалев, од институција до институција ми минува времето, и јас останав без здравје. Со низа здравствени проблеми сум, само гледам да го однесам Јане во клиника во странство, па потоа можам мирно да умрам – додава разочараниот татко.
За сите овие 20 години, само еднаш биле на клиника во странство, и тоа во 2010 година во Истанбул, каде што му биле направени одредени испитувања.
– Како најголема надеж моментално ни е клиничкиот центар Дубрава во Загреб. Од таму имам ветувачки прогнози, потребна е операција и поставување чип, целата процедура изнесува околу 23.000 евра.
Знам дека на клиниката во Загреб имаат можност да ги будат овие лица, затоа и од петни жили се трудам синот да го однесам таму. Но, на секој чекор наидувам на сопки од институциите – вели таткото на Јане.
Тој испратил бројни барања до сите надлежни институции. Па така, во март лани се обраќа до скопската Клиника за неврохирургија, од каде што на 17 март, истата година добива повратен одговор.
„Стручниот колегиум на ЈЗУ Клиника за неврохирургија ја разгледа медицинската документација за пациентот Јане Пирганоски и зазема став дека за пациентот е потребно доиследување, а според правилникот за лекување во странство на ФЗОРСМ не следува предлог за доиследување во странство.
Случајот би бил повторно разгледан со документација од странска установа за можноста за поставување на ДБС како и оправданоста од поставување на истиот во конкретниот случај според медицина базирана на докази“, се наведува во повратниот одговор од скопска Неврохирургија, со потпис од директорот Александар Жупаноски.
Таткото на Јане само неколку месеци подоцна се обратил и до Кабинетот на поранешниот премиер Димитар Ковачевски, од каде што на 26 септември, 2023 година добива повратен одговор.
„На ден 20.9.2023 година, до канцеларијата на претседателот на Владата на Северна Република Македонија доставивте барање за интервенција заведено под број 08-1305/1. Во барањето ја наведувате потребата од добивање конзилијарно мислење од Клиниката за неврохирургија за упатување за лекување во странство на вашиот син Јане.
Стручните служби при канцеларијата на претседателот на Владата со должно внимание го разгледаа дописот и придружните документи. За таа цел ве информираме претседателот на владата согласно своите надлежности писмено се обрати до ЈЗ УК Неврохирургија како директно надлежна за издавање на конзилијарно мислење, подетално да ги разгледа сите можности во врска со предложеното лекување на вашиот син.
Претседателот на владата изразува искрена надеж за подобрување на здравствената состојба на вашиот син, за што и во иднина стои на целосно располагање“, се наведува во одговорот од владата, потпишан од шефот на кабинетот на тогашниот премиер Мартин Попов.
По добиените одговори, таткото на Јане вели дека веќе никој не презел ништо. Според него, наместо да им се олесни патот, на семејствата на овие пациенти само уште повеќе им се отежнува и така мачното секојдневие. Неброени часови минал во институционалните лавиринти и не го крие разочарувањето од целиот државен систем.
– Подготвен сум да излезам на секоја телевизија што ќе ме повика, ќе приложам документи, нека гледа јавноста, нека гледаат и институциите, па конечно да се најде решение за мојот син! Не сакам публицитет, но ова е очигледно единствениот начин овие родители да бидат слушнати.
Им давам поддршка на сите родители што се охрабрија и јавно прозбореа за проблемите со кои се соочуваат, а кои можат да бидат решени доколку институциите имаа слух и желба за нивно решавање. Ги поддржувам родителите на Леонид и Јани, кои јавно зборуваат за она низ кое минуваат, заборавени од институциите, тие не се сами, многу нѐ има, и мора да бидеме гласни.
Уште еднаш, апелирам надлежните институции да се заземат за решавање на нашиот случај – истакна Љупчо Пирганоски.
Со оглед на тоа дека Фондот за здравство го има клучниот збор и дава зелено светло за лекување во странство, „Фокус“ се обрати до оваа институција за да ни објаснат што е проблемот со пациентот Јане од Прилеп, кој 20 години е во будна кома и дали неговото семејство се обратило до нив. Меѓутоа, од ФЗОМ добивме негативен одговор, поточно од таму објаснија дека до нив не е доставена медицинска документација за лекување во странство.
Вики Клинчарова
Ирена Мулачка