Апел до Шилегов и Арсовска: Спасете го Водно

by Fokus

Направете чекор повеќе кон Водно како гаранција за вашите искрени намери за ЦЕЛОСНО ЗАШТИТЕНО ВОДНО!

Водно е секој ден се поблиску и поблиску до бетонирање на својата иднина. Ако навистина се искрени во ветувањата за Водно, кандидатите за градоначалник на Скопје треба да покажат дека се спремни и да ги исполнат. Нели?

Така, на само два дена пред молкот за избор на нов градоначлник, ги повикуваме кандидатите Петре Шилегов и Данела Арсовска не само да се обврзат, туку и да направат чекор повеќе кон Водно како гаранција дека нивните намери за ВИСТИНСКИ И ЦЕЛОСНО ЗАШТИТЕНО ВОДНО се искрени.

Заложбите и апелите за носење на севкупна и функционална заштита на Водно на врвни и докажани ескперти од шумарстовто, хидролoгијата, инженерството, просторното планирање, клучни државни институции, видни професори и преку 32 граѓански здруженија, не успеаа да ја спречат Одлуката која отвара врата за негово брзо урбанизирање и уништување.

Сепак, заедно успеавме да се избориме за мала искра за спас, префрлајќи ја тежината во Градот, но неопходна е итна и брза реакција на оној кој ќе освои трката за градоначалник:

– Потребата од правилно зонирање на Водно е евидентна, а Градот е единствената инстанца која тоа може да го иницира и спроведе.

Затоа и ве прозиваме, Данела и Шилегов, бидејќи само ваша искрена заложба може да биде над оваа Одлука. Ако го сакате Градот, ќе имате можност да направите чекор за Водно да биде спасено, а со тоа и градот заштитен.

Инаку, Водно ќе го изгубиме.

Што треба да направи Градот?

1.) Да започне итно изработка на Просторен План на Водно како простор од посебен интерес! Тоа ќе овозможи правилно ЗОНИРАЊЕ на Водно, наспроти она предвидено во Одлуката.

2.) Toj да се додели на изработка во Агенцијата за планирање на простор, каде што експертизата преку строго дефинирани методологии ќе ги преклопи сите значења и вредности на Водно и ќе наметне режим на заштита за секоја предвидена Зона.

3.) Паралелено да се иницира постапка за носење на СПЕЦИЈАЛЕН ЗАКОН ЗА ВОДНО во Собрание.
Овој Lex Specialis ќе претставува гарант за правилното Зонирање на целата територија на Водно, соодветниот режим на заштита и ќе ги замрзне сите можни активности и носења на други планови, вклучувајќи ги и Планот за управување и урбанистичките планови или проекти, сé дури не се донесе Просторен План за Водно, како план од највисок ред.

Што очекуваме како гаранција?

Очекуваме идејна, драфт верзија на Специјалниот Закон. Очекуваме запознавање со можностите, потребните чекори и ресурси (време и пари) неопходни за Агенцијата да започне постапка за Просторен План на Водно. Можеби веќе имaте Нацрт-закон? Или, пак, сте оствариле средба со Агенцијата и упатиле барање до неа? Или пак нешто друго?

Покажете дека вашите намери се искрени. Повлечете потег кој ќе помогне Водно да не бидне само едно убаво минато, туку вистинска заштита на градот и жителите. Повелете, докажете дека тоа го можете…

Поврзани новости