Апасиев за Фокус: Ние сме репрезент на левицата, целиме на пратеничка група во Собрание

by Frosina Fakova

Ние сме репрезент на левицата во Македија, Социјалдемократите се продолжена рака на олигарсите, мафијата и рекетарите, вели Димитар Апасиев од „Левица“, во мини интервју за неделникот „Фокус“. Апасиев е носител на кандидатската листа на партијата во првата Изборна единица и порачува дека целат на пратеничка група во Собрание

ФОКУС: Што нуди партијата „Левица“, за разлика од другите партии, особено како трета опција?

АПАСИЕВ: Нуди радикални мерки, оти ситуацијата е излезена од контрола и мора да се делува инвазивно. На пример, нуди Закон за потекло на имот на политичарите, укинување на патните трошоци на пратениците, повисоки даноци за богатите, воведување антинепотистички мерки во правосудството, двосменска администрација, шалтери без паузи, укинување на патарините и замена со вињетки, носење специјален Закон за канабис, зауздување на лихварските камати на банкарите на максимум 3%, укинување на извршителите, поништување на двојазичноста и на илегалниот т.н. Преспански договор…

ФОКУС: Дали очекувате да го раситните гласачкото тело на левицата?

АПАСИЕВ: Не, затоа што само „Левица“ е репрезент на левицата во Македонија. Социјалдемократите се продолжена рака на олигарсите, мафијата и рекетарите. Тие немаат ништо заедничко со левата идеологија. Оттука, ние го пополнуваме и заземаме левиот простор, со наш автентичен дискурс произлезен од долгогодишниот политички стрит-активизам. Така, што, нема што да ситниме, туку само окрупнуваме. Станавме најбрзорастечка партија кај нас, токму поради искреноста, неподмитливоста и верувањето во каузата за која се бориме.

ФОКУС: Колку пратеници очекувате да освоите?

АПАСИЕВ: Според теренските реакции, искрено, очекувам сите носители на „Левица“ да станат пратеници (можеби со исклучок на шестата ИЕ). Значи, прашањето не е веќе дали „Левица“ станува парламентарна партија, туку колку пратеници ќе освоиме. Целиме на пратеничка група во Собранието, што ќе биде историски резултат за антиестаблишментска партија произлезена од народот.

Ф.Ф.С.

Целиот текст за тоа кои помали партии имаат поднесено кандидатски листи на овие парламентарни избори, што нудат и колку пратеници очекуваат да освојат прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк

Поврзани новости