Претседателот на Левица, Димитар Апасиев оценува дека попречувањето на делегациите да положат цвеќе во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп и непристојните дофрлања од нивниот активист кон премиерот не претставуваат инцидент, туку израз на народниот непокор.
Апасиев вели дека инцидентот е само во главите на ботовите на владејачката партија.
-Тоа беше демонстрација на народниот непокор, на прилепскиот инает на Могилата на непобедените каде на квислинзите им се покажа страничното место во историјата. Така и ќе завршат, бидејќи го продадоа сопствениот народ а македонскиот народ не ги трпи предавниците, смета претседателот на Левица.
Активистот на Левица, Иван Јованоски, кој ја предводеше групата која го блокираше приодот до Могилата и му дофрлаше на премиерот Зоран Заев а подоцна имаа и мал зајадлив вербален конфликт, во изјава за „Фокус“ истакна дека немал намера да коментира ништо, но не можел да се воздржи на присуството на владината делегација во Прилеп.
-Тоа што го кажав беше чист револт. Метафорички кажано, затоа што на сите ни тежи тоа. План ни беше само да стоиме тука, но, не можев да се воздржам на присуството на Заев и владината делегација. Народот не е глупав, го знае тоа. Јас само му возвратив на тоа што тој ми рече дека сум за на психијатар, изјави Јованоски.