„Во име на Политичката партија Левица, изразувам сочувство до народот на Исламската Република Иран за трагичната загуба на претседателот Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи, Амир Абдолахјан, како и придружната делегација во неодамнешната хеликоптерска несреќа.
Претседателот Раиси и министерот за надворешни работи, Абдолахјан, не беа само ценети лидери, туку тие го посветија својот живот да му служат на иранскиот народ и да ги унапредат интересите на сопствената нација на светската сцена“, се вели во телеграмата од Левица.
„Претседателот Раиси и министерот Абдолахјан беа цврсти бранители, чувари на правата и достоинството на угнетените народи ширум светот. Тие се спротивставија на империјализмот и се залагаа за глобална правда и солидарност. Нивната посветеност да се спротивстават на угнетувањата и експлоатациите, длабоко одекна со вредностите на нашата партија за антиимперијализам и солидарност со угнетените и служеше како инспирација за сите кои се стремат кон поправеден свет.
Жалиме за загубата и на другите членови на делегацијата кои загинаа во несреќата. Нивната посветеност кон нивната земја ќе биде трајно запаметена.
Во ова време на тага, стоиме во солидарност со Владата и народот на Иран. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите, како и со целиот народ во Иран“, се додава во телеграмата од Левица.