Апасиев: Со задоволство би се сретнале со американската амбасадорка

by Fokus

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во интервју за најновиот број на „Фокус“ вели дека никогаш нема да видите негова слика од средба во некоја амбасада, каде би одел на „пеење“, но нема проблем да се сретне со амбасадорите во Собранието. На прашањето на „Фокус“, дали освен со рускиот амбасадор, има комуникација со западните амбасадори, вклучително и со амбасадата на САД, тој вели:

-Со рускиот амбасадор сме имале две средби до сега, по негово барање. Ние имаме принцип на работа во поглед на амбасадите, а тоа значи дека ние не одиме кај нив, нема да видите моја слика како сум влегол во амбасада на пеење. Секој кој побарал сме го примиле тука во законодавниот дом, ние сме домаќини, а тие се гости.

Досега сме примиле десетина, значи на Хрватска, Брисел, ОБСЕ, Франција, рускиот побара, а со новата амбасадорка на САД сме немале средба, па и со старата да бидам искрен немавме контакти. Веројатно тоа доаѓа од фејк брифингот кои тие го имаат од нашите политички непријатели и тие не сметаат за црни ѓаволи. Но, после наредните избори нема да можат да не контактираат со нас и мислам дека сега и новите постави во амбасадата се преиспитуваат како да ни пристапат. Сѐ уште немаме официјална средба, ама еве јавно кажуваме, како и за сите, доколку американската амбасадорка побара прием ние со задоволство би ја примиле во Собранието, вели Апасиев во интервју за „Фокус“.

За многуте обвинувања пак дека Левица е екстремна десница и повеќе водат националистичка отколку левичарска партија, Апасиев вели:

-Па не се многумина што не обвинуваат, тие се неколкумина кои ги избркавме од партијата, Бранимир Јовановиќ, Здравко Савевски и други кои што не успејаа да сфатат дека националното и класното прашање се и те како поврзани. Иманентното национално македонско прашање е комунистичко решение. Имено, ниту една генерација не успеала да создаде држава, освен партизанската генерација, односно Кумунистичката партија на Македонија. Тоа значи дека класното и националното прашање во македонски прилики не можете да ги одделите. Тоа е како да направите кајгана и потоа да ми речете да ја одделам жолтката од белката.

Не можете да се правите слепи и да велите дека секое македонско национално прашање е национализам, а да молчите пред великоалбанскиот национализам кој пред очи ви се случува, вели Апасиев.

На прашањето дали тука пукнала тиквата, лидерот на партијата објаснува:

-Тука нас ни се случи поделбата внатре во Левица. Тие не можат да сфатат дека тие две прашања се споени, додека новата генерација која ја превзема Левица, вклучително и мојата екипа, ние го сконтавме тој момент. При левичарското третирање на проблемите во вакви прилики, кога имате здивени национализми, па дури и национал шовинизми, па и отворени фашистички тенденции, било преку велико бугарски или велико албански балистички организации, вие не можете да се правите имун и дека не го гледате слонот во собата.

Ние сметавме дека Преспанскиот договор е штетен, додека тие сметаа дека е ок, истакнува Апасиев.

Тој појаснува дека истата екипа го обвинувала и за фалсификување, но ги добил на суд.

-Истата екипа ме обвинуваше и сѐ уште ме обвинува, меѓутоа имаме завршено шест правосилни пресуди во моја полза, што значи дека и обвинителство и судство, до највисоки истанци, имаат пресудено во моја полза. Не постои практично спор против нив кој не сум го добил. Не постојат такви фалсификувања, тие се обидоа да фалсификуваа документи во суд за да ме променат, и така настана спорот, кога четворица од поранешниот Перзидиум со истечен мандат поднеа тужби до суд, а ние моравме да одговориме како тужена страна.

И отогаш практично се воскресна пратијата, бидејќи до 2018 година ние бевме на ниво на статистичка грешка по рејтинг. Откако јас ја презедов партијата Левица има ранг на 6% што практично е пата пата со ДУИ. И оттука се гледа дека мојата визија и мојата политичка стратегија се покажала како исправна во тие историски околности, поентира Апасиев.

Според него времето покажало дека е одлична одлука Левица да има лидер.

-Апсолутно да! Мислиме дека е правилен чекор затоа што претходно ние се губевме во факциски внатрешни битки, а надвор не го испорачувавме тоа што народот го очекуваше од една авангардна партија. Додека сега е сосема поинаку. Сега сме по експедитивни, по централизирани, можеме полесно да управуваме со ресурсите, додека тогаш беше многу помачен тој процес, посочува лидерот на Левица.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ  ИЗЛЕГУВА ВЕЧЕРВА, А МОЖЕТЕ И ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости