Апасиев: Сакаа да не шутнат откако ќе направат нова влада, тогаш влеговме во радарот на странците!

Левица природно се факторизира и тој процес е незапирлив, единствено преку физичка ликвидација, недај Боже. Нема сила што може да не запре, вели лидерот на Левица во интервју за неделникот „Фокус“.

by Фокус

Се почна по дојава од Христијан Мицкоски, тие претходно имале консултации со партии од албанскиот блок, вели лидерот на Левица Димитар Апасиев во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, во врска со процесот на создавање на ново парламентарно мнозинство, кое на крајот пропадна со непојавување на Кастриот Реџепи.

-Кога дојдовме беа сите, се чекаше само Гаши од Алтернатива. И потоа настана тој кршлус со кенкањето на Скендер Реџепи, кој велеше: „Ама јас не сакам мојот потпис да стои до потписот на Апасиев“. А тој се потпиша после мене, тој виде дека јас сум потпишан.

 

Ми кажуваа од Алијанса дека ДУИ таа слика ја користел како бабарога, бидејќи Апасиев е бабарога за албанското гласачко тело и дека тоа многу ги чинело политички, дека им било грешка.

 

Меѓутоа ние покажавме политичка мудрост, која ни беше по други дипломатски канали пренесена, а тоа е дека странците не очекувале јас да седнам на таа маса, мислејќи дека сме навистина антиалбански настроени – вели Апасиев.

Според него, тогаш меѓународната заедница сфатила, како што вели, дека Левица се многу незгодни и дека знаат да изиграат шаховски во клучни моменти.

-Имаше момент кога јас го повлеков потписот за да му удоволам на Скендер… Значи ние се покажавме во прагматично светло и мислам после тој момент и покрај неуспешноста на обидот, Левица се факторизираше и кај меѓународниот фактор влеговме во радарот.

 

Дотогаш не сметаа за дримери, така со потценување, но после тој чин, тие сфатија дека станува збор за прагматични дечки кои што во иднина со нивната антикорупциска платформа можат да бидат фактор и мислам дека тој имиџ ние треба да го подобруваме.

 

Изворите од кои што црпат информации странските амбасади се фејк. Ние кои сме единствената антифашистичка партија во нивните извештаи сме претставени како фашисти. Левица природно се факторизира и тој процес е незапирлив, единствено преку физичка ликвидација, недај Боже. Нема сила што може да не запре – вели Апасиев.

Тој додава дека имало информации дека Левица сакала да биде искористена за формирање нова влада, а потоа да бидат заменети со други партии.

-Имаше муабети дека вмровците после падот на власта имаат мастер план да не кикнат нас како Левица и да влетаат двајцата пратеници од ЛДП. Она што беше официјалното преговарање беше дека ја куткаме владата, правиме нова и идеме на избори.

 

Тоа беше си некој план, но не успеа. А ова отпосле го дознаваме дека планот бил да ја кутнеме владата, па нас да не кикнат и они после да си направат нова Влада. Ова и не е за неочекување, бидејќи и на Мицкоски ќе му ги врзат рацете при евентуална коалиција со нас, бидејќи тој анти НАТО момент не можат да ни го простат странците.

 

Но, за наша среќа странците не бираат пратеници, туку народот и тука стануваме незгоден играч. Замислите ако по наредните избори ние имаме двоцифрен број на пратеници, ние сега со двајца правиме ваква галама, како би било со десетмина – вели Апасиев.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Разговараше
Валентина ВУРМО

Поврзани новости