Апасиев: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за дуплирање на роковите на застарување за да го спасат Мијалков

by fokus

Пратениците на Левица поднесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот закон, а Собранието ја усвои потребата од носењето на овој Предлог-закон во скратена постапка, како прва фаза од собраниската процедура.

Со измените се предвидува дуплирање на роковите на застарување, односно на застарувањето на кривичното гонење и извршување на казната затвор.

„Станува збор за една манипулација на која сме сведоци при гонењето на случаите од висока корупција, кои еден по еден застаруваат. Тоа е така бидејќи имаме спрега на мафијата со поткупливите судии! Со цел тоа да се оневозможи во иднина, го предлагаме овој закон, каде застареноста се злоупотребува и криминалците се на слобода, додека во затвор лежат луѓе само за ќебапи, образложи пратеникот Димитар Апасиев.

Тој вели дека наместо застареноста како институт да ги мотивира органите на прогонот да бидат поефикасни, имаме спротивен случај – односно ги мотивира да ги чуваат случаите во фиока со цел застарните рокови да поминат.

-Целта на овој Предлог-закон е да се дуплира рокот на застареност и тој се однесува на двата типа на застареност: и за кривичното гонење и за извршувањето на казната.

Суштинската промена која ја воведуваме е во апсолутната застареност – каде ние предлагаме за три пати да се зголеми рокот за застареност, затоа што најголемите корупциски случаи застаруваат по овој основ, вели Апасиев.

Тој појаснува дека незастарливоста на кривични дела со овој Предлог-закон ја прошируваат со уште четири глави: Kривични дела против имотот, Kривични дела против јавните финансии, Kривични дела против државата и Kривични дела против службената положба и овластување, а како што вели, со цел да не можат функционерите да бидат фактички амнестирани.

Апасиев потенцира дека нивниот предлог не го поддржале пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

-Напоменуваме дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за овој предлог закон, со цел заштита на криминалот на Сашо Мијалков и нивните мафијашки пајташи!, вели пратеникот.

Тој додава и дека законот ќе важи и за актуелни предмети на кои им се заканува застарување.

-И во преодни и завршни зборови се вели дека во кривичните постапки кои се уште не се правосилно завршени, а такви се овие од СЈО, застарните рокови ќе се пресметуваат според овој закон. Ова значи дека случаите кои треба да застарат оваа година, со ова преодна и завршна одредба нема да завршат и ќе се процесуираат и понатаму, истакна Апасиев.

Поврзани новости