Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вели дека пратениците не знаат каков акт треба да донесе Собранието во понеделник, во врска со таканаречениот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија и почеток на пристапните преговори за ЕУ.
-Мислам дека во Собранието ќе биде многу тензично кога ќе се носи тоа. Според моите информации, ќе се обидат да ја прескокнат комисиската расправа и ќе оди директно на пленарна, што е противделовнички, што значи повторно ќе се шверцува. Тогаш мислам дека ќе има тригер за поголемо собирање пред Собранието. Ние од внатре, народот од надвор, мислам дека ќе спречиме ново предавство кое е десеткратно поголемо од преспанското предавство – вели Апасиев.
Тој истакна дека се планираат различни начини на дејствување.
-Чекорите не ги откриваме затоа што ќе играме стратешки. Чекорите ќе бидат правни и институционални или вонправни и вонинституционални, значи комбинација од два потока кои очекуваме да дадат резултати, бидејќи секојдневно гледаме дека оваа влада и оваа банда има контра – ефекти кои пробаа да направат меѓуетнички судири, да направат потфрлени агенти од АНБ, кои продуцираа насилство и мислеа дека со тоа ќе го намалат бројот на протестирачи, но, спротивен ефект на бумеранг доживејаа – рече тој.