Христијан Мицкоски е познат по две работи, по промашени прогнози за економски и политички случувања во земјата и по тоа што е во целосно заложништво на Левица и Димитар Апасиев, реагираа од СДСМ по изјавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска изјави дека овој парламентарен состав нема да направи промена на Уставот.
„Од тоа кога Мицкоски велеше ќе нема доволно струја, ќе има рестрикции и ќе се случи колапс, па се до промашените прогнози за ново мнозинство од 61 пратеник во Собранието кое никогаш не се случи. Тоа се неговите единствени константи, промашувања и заложништво на Апасиев. Ништо друго. Заедничко за Мицкоски и Апсиев е нивната определба да бидат против ЕУ и против европската иднина на земјата и сите наши граѓани“, реагираа од СДСМ.
Од таму порачаа дека ќе бидат предводник на проевропската коалиција и во иницијативата да се направат сите неопходни реформи и уставни измени за, како што истакнуваат, да го продолжиме патот кон Европа.
„Со оваа деструкција Мицкоски се затвори самиот себе си, заедно со Апсиев, неговиот идеолошки лидер, со кого заедно се единствените политичари против ЕУ. Апасиев го вози Мицкоски, тој е негова инспирација и со него се натпреварува како да го закочи патот кон ЕУ и кој поголема штета ќе предизвика на државата, на идните генерации“, стои во соопштението на СДСМ.