Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денеска до Агенцијата за заштита на лични податоци поднесе Барање за утврдување повреда на правото на заштита на лични податоци, а кое се однесува на претседателот на Собранието Талат Џафери.
-Пријавеното службено лице се терети дека, на ден 12 октомври 2022, преку неговиот Кабинет, до група новинари и медиумски редакции испратил принт-скрин од потпишано Известување по претходно поднесената граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум, каде што Апасиев, како физичко лице, фигурира како првопотпишан граѓанин, со правен статус на „овластен предлагач“.
Како фото-прилог кон Известувањето, без никакво претходно одобрение или дозвола, тој ја проциркулирал и јавно ја објавил приватна домашна адреса на живеење на подносителот, од неговата лична карта, кој импринт потоа – без никаква анонимизација или затемнување – беше објавен во етерот од скоро сите пишани и електронски медиуми во државава (радија, телевизии, веб-портали, весници и др.).
Со ова противзаконито и самоволно дејствие, пријавениот сторил намерна повреда и злоупотреба на законски заштитените лични податоци на подносителот, со што ја загрозил неговата безбедност, како и безбедноста на неговото семејство, велат од Левица.