Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека нема да бара од нивните гласачи да ја поддржат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, како што било случај на претходните претседателски избори во 2019 година.
Тој ова го кажа при денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
-Ако се сеќавате, еднаш се изгоревме со поддршка на професорката Силјановска и вторпат нема таа грешка да ја направиме. Само што ја поддржавме, тоа по моја проценка беше контингент од речиси 30 – 40 илјада гласа, кои што нè послушаа и ако се сеќавате Силјановска во вториот круг доби 60 000 гласа повеќе, Левица тогаш немаше сопствен кандидат и веднаш после тоа благодарноста од ДПМНЕ стигна, со тоа што мене ми забранија да гостувам во нивната партиска телевизија и веќе петта година не ми пренесуваат изјава. Си ја плативме цената за блокадата на Законот за АВМУ“, рече Апасиев.