Политичката партија Левица вчера до Собранието ја поднесе граѓанската иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“. Партијата собрала 750 потписи кои вчера со останатите материјали ги предаде во собраниската архива.
Лидерот на Левица Димитар Апасиев вчера на прес-конференција во Собранието изрази верување дека ќе имаат координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање, но и како што нагласи очекува сериозно да бидат сфатени како опозиција. Тој, меѓудругото најави и целосна блокада на Собранието доколку спикерот Талат Џафери ја отфрли и оваа иницијатива.
– Ние не очекуваме опструкции, доколку спикерот Талат Џафери се осмели да глуми уставен судија ќе почнеме со целосна блокада на Собранието, рече Апасиев, додавајќи оти се надеваме во добра волја да помине оваа референдумска иницијатива.
Апасиев, образложувајќи ја иницијативата рече дека таа се однесува на промена на заклучоците каде се спорни две точки.
– Тоа се точка 1 и точка 3Г, каде што се вметнати „францускиот“ предлог и преговарачката рамка. Тоа практично би значело дека од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка без бугарските хегемонистички барања кои се инкорпорирани внатре. Тоа значи дека референдумот не е анти ЕУ, туку бојкотот на референдумот или недавањето да се случи референдум е чин на анти ЕУ. Демократското изјаснување на граѓаните не може да биде анти ЕУ, рече Апасиев минатата недела кога ја ја поднесе иницијативата за референдум до ДИК.
СДСМ се уште е на став дека опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица прават сè за да се попречи патот на државата кон Европската Унија. Оттаму не сакаат да ја коментираат иницијативата додека не ја разгледаат.