Апашки картел

by Фокус

Лидерите од македонскиот апашки картел стравуваат да имаат умни луѓе околу себе. Своевиден „Наполеонов комплекс“ со одбранбен став на егото, кој се карактеризира со неподнесување луѓе што штрчат над просекот.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Политички партии ли се, апашки картел ли е? Ќе да се ова второто! Затоа што е доминантен актер во општеството и клучен арбитар во распределбата на државните ресурси.

Апашки картел од три клана, кој ја урниса државата. Тажна и погубна драма во тридецениското виреење на статус-кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и дводецениската константа ДУИ и нивната умешност да се инсталираат во сите институции со негативна кадровска селекција.

Комбинација од симбиоза на свето тројство меѓу политичари, новопечени тајкуни и превеани кримоси, како рецепт голтари и пробисвети да се збогатат за џабалак.

Какафонијата со актуелните нарушени односи во апашкиот картел ќе излезе бош работа.

Се случи поради ѓурултијата меѓу поранешниот и сегашниот водач на „вмроидниот“ клан, по неуспешниот валкан дил меѓу „државотворниот“ и „дуиџиски“ клан од една страна и бегалецот од друга.

„Апаши, апаши“, егзалтирано скандираат и носат транспаренти пациенти од Онкологија, но и здравствени работници, протестираат и од образование, социјално загрозени, пензионери, земјоделци, вработени во јавниот превоз, екологисти, здруженија и активисти, ЛГБТ заедницата, полицајци, судски службеници.

Протестираат сите. Презрени, понижени и обесправени излегоа на улица, а апашите се засолнија во „земуница“.

Етикецијата апаш стана македонско секојдневие. Збор, чии корени се во името на некогашното северноамериканско индијанско племе Апачи. Неправилно преведен на македонски јазик, во жаргонот со него се означува крадец или престапник.

НАПОЛЕОНОВ КОМПЛЕКС

Дисфункционалната држава се преобрази во своевиден апашки картел на политички и финансиски интереси и цели.

По укинувањето на Советот за јавни набавки во функција на договарање тендери во четири очи, се забрани објавувањето на „бомбите“ за криминал на државните апаши по што се укина и СЈО.

Продолжи со дил на балкански начин за перверзни измени на кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и злосторничко здружување, како и отворање лотарија со докажана „мутра“ од бугарското подземје. Следува амнестија за апаши.

Поучна останува анегдотата за легендата во автомобилскиот бизнис, Хенри Форд, кој изразил желба, кога ќе замине на оној свет, на гробот да му напишат епитаф: „Тука почива Форд. Тој не беше умен човек. Не знаеше да се опкружи со умни луѓе. И да ги слуша“.

Лидерите од македонскиот апашки картел се сосема обратен случај. Тие стравуваат да имаат умни луѓе околу себе. Своевиден „Наполеонов комплекс“ со одбранбен став на егото, кој се карактеризира со неподнесување луѓе што штрчат над просекот. Овој факт е очигледен, бидејќи се опкружени со просечни и неспособни луѓе.

ПАМПЕРС ПОЛИТИЧАРИ

Тие од своја страна, исто така, се опкружуваат со такви луѓе и така до најнискиот ешалон. На тој начин се воспоставува негативна селекција, во која не најкадарните, туку неизоставно најчкартот одат нагоре по хиерархиската скала. Кога кон негативната селекција ќе се додадат партизацијата, непотизмот и кронизмот, воопшто не зачудува дека државата буквално ја „изглодаа“ профанисани грабливи штетници и паразити.

Тотално докусурување на мерит-системот изврши фамозниот и надвор од умот „балансер“, со кој според етничка припадност се одредува процентот на вработување во државната и јавна администрација.

Според принципот „Каков е таков е, никаков е, ама е наш“, во администрацијата се вработува шуто и рогато, чија лиценца е клановската т.е. партиска припадност.

Но, од лошо може да биде и бетер, доколку се случат уставните измени, па со злоупотреба многу Македонци и припадници на други етнички заедници да се декларираат како „новоосознаени Бугари“ и на тој начин се вработуваат.

Алот почна по конституирањето на првата политичка влада во независна Македонија, кога власта ја зграпчија „памперс политичари“, кои немаа елементарно животно, работно и професионално искуство.

Пилиштарци, кои не создале и не изградиле ништо, па набргу почнаа да раскрчмуваат сѐ што создале и изградиле нивните дедовци и татковци.

Како во еврејската анегдота: „Лесно е да се пазари, ако имотот не го стекнале самите, туку го создале татковците и дедовците!“

Три децении подоцна, успешно се заокружува процесот на кодирање на поданички менталитет и трагична поделба. Со кастинг се кретенизираат чурук човеци и говеда. Се креира подем и метастаза на апашки картел Мафијадонија!

Поврзани новости