Младата поп пејачка Антониа Гиговска вчера започна хуманитарна аукција, на која го понуди својот фустан дизајниран од стилистката Викторија Бурсак, со почетна цена од 10.000 денари.
Како што информира, средствата од продажбата на свилениот фустан со конфекциски број S ќе бидат наменети за лекувањето на Анета Јовановска, којашто се бори со карцином.
Заинтересираните можат да ја контактираат Бурсак на нејзиниот профил на социјалната мрежа Фејсбук, објави Гиговска.
Нејзиниот гест наиде на голема поддршка од јавноста, но сепак, како што појаснува стилистката Бурсак, досега само една девојка изразила желба да го купи фустанот, по почетната цена од 10.000 денари. Добила многу пораки со поддршка, но конкретните понуди за купување, за жал, изостанале.
За ,,Фокус” таа вели дека кога се работи за една ваква хумана мисија, пожелно е да се вклучат што е можно повеќе луѓе. Добредојдени се сите од естрада, од политика, од јавниот живот во земјава, да понудат свои парчиња гардероба или други предмети на аукциска продажба, со цел да се соберат потребните средства за лекување.
Бурсак додава дека секој кој би сакал да се вклучи и има нешто да понуди, може да ја контактира на социјалните мрежи.
Инаку, Анета Јовановска, за која се наменети средствата од продажбата, е мајка на две малолетни деца, која пред две години го победила канцерот, но тој повторно се вратил. Потребни се околу 18.000 евра за нејзино лекување на клиника во Турција. Сите кои сакаат да донираат, можат да го сторат тоа на телефонскиот број на А1 – 143 476.
Јавните личности, односно политичарките, музичарите, актерите, и сите од останатите јавни сфери, кои ќе сакаат да се вклучат во акуцијата, со нивна дозвола ,,Фокус” ќе ги објави, со цел да се собере потребната сума за лекување на младата мајка.
Вики Клинчарова