Антониа Гиговска: Не се плашам од ништо, сакам да одам на Евровизија!

by Fokus

Пејачката Антониа Гиговска веќе неколку години полека, но сигурно, ја гради својата музичка кариера и зад себе има веќе неколку издадени песни.

Таа беше исто така во фокусот, откако го откажа својот настап за годишнината од Рамковниот договор, со потенцирање дека не сака да настапува на политички настани. За „Фокус“ таа раскажа што прави овој период, а се навративме на моментот дека Гиговска сакаше да настапува под ново, уметничко име.

„Овој период работам на авторска музика и сум максимално посветена. Подготвувам неколку проекти, кои што се надевам ќе си го најдат својот пат до публиката како и до сега. Настапите се секако тука и секој град е исполнет со многу љубов, песни и позитивна енергија. Се радувам што публиката ги пее и бара моите песни и по два-три пати“, вели Гиговска.

Пред повеќе од еден месец, таа на социјалните мрежи објави дека посакува да настапува под ново уметничко име, Антоња или Тоња. Сепак, се решила да не променува ништо.

„Па Tonya беше сосема случајно. Нашиот соработник Томски ме завика Aнтоња додека го снимавме дуетот со 2 Бона, „Хиена“. Тони од 2 Бона е Aнтоњо па така и јас станав Антоња. Интересно е што многу ми се допадна па сакав да го променам и да стане препознатливо уметничко име. Иако е препознатливо, публиката реши дека треба да останам Антониа Гиговска затоа што веќе така ме знаат. За среќа тука е Мичиќ па ми го истетовира името Tonya така ќе остане во сеќавање засекогаш“, раскажува таа.

Гледајќи ги нејзините видео-записи објавени на каналот Јутјуб, може да се констатира дека светската музичка сцена има извршено големо влијание врз стилот и односот на Гиговска.

„Секако дека следам светска сцена. Тоа ми помага да излегувам од комфор зоната. Не се плашам од ништо и сакам да експериментирам. Можеби на многу не им се допаѓа тоа, но мене ме исполнува. Името секогаш може да се смени“, додава таа.

Секогаш кога ќе се спомне настап на Евровизија, македонската јавност со голем скептицизам гледа на таа работа и обично настапувачите се критикувани уште пред да настапат. Судејќи според самодовербата, Гиговска вели дека е подготвена за едно такво учество во нејзината кариера.

„Секако дека би сакала да ја претставувам мојата држава на Евровизија. Сум била и знам каков притисок е, но подготвена сум веќе две години. Се надевам дека ќе се видиме таму!“, го заврши разговорот Гиговска.

Фото – Видео записи и настапи од Антониа Гиговска

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости