Текстот е објавен на 24 декември 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 808
Владата заседавала до доцна во ноќта, оти била многу загрижена од неспроведувањето на законот против пушачите. И решила да и тури крај на таа гооолема грижа. Од сега нема лабаво. Законот ќе важел за сите, оти, замислете, оние што не го почитувале овој, кој знае уште кои се други закони не ги почитуваат!? Да, тоа можеби е така, доколку сеуште има ненормални луѓе, кои не знаат дека пушењето е дозволено само во објектите на газдите што се во ,дил, со власта!?
Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ
Мојот став за антипушачката хистерија е познат и непроменет. Знам дека цигарите не се полезни, но, немам намера да ги оставам. Зошто повторно би го правел она што Марк Твен одамна го опишал како најлесната работа на светот!? Не верувам дека постои пушач кој барем десеттина пати не ги оставил цигарите, за потоа повторно да се врати на таа не баш здрава навика. На крајот на краиштата, познавам многу луѓе, кои после збогувањето со цигарите си навеале други проблеми. Едни удриле на храна, па напрасно се угоиле, други ја удвоиле желбата за алкохол, трети посегнале по дроги… Кога ќе подвлечам црта, тутунскиот чад ми изгледа како најмало зло!
Нормално, секој се теши на свој начин, секој си наоѓа најприкладни олеснителни околности за своите маани. За разлика од господата совршени во коцкестите згради крај Вардарот. Залудно е ним за маани да им се зборува. Тоа е исто како на слепецот за бои да му говориш. Затоа, и овој закон ќе го анализирам од ним познатиот агол. Да видиме, значи, какви можности за крадење на народот им пружа и оваа наводно голема борба за здрава нација во уште поздрава животна средина?
Убеден сум дека секој од нас знае барем по една кафеана или кафуле во својот град, каде на масата сеуште се послужуваат и пепелници. Газдите на тие објекти се „портокалово“ расположени. На прв поглед, тоа изгледа изненадувачко. Или барем охрабрувачко. Си вели човек, не е се загубено, оти, еве, и меѓу владините поддржувачи има разумни луѓе, кои не си ја сечат гранката на која што седат.
Луѓе што сфаќаат дека кафеана без пушачи е исто што и црква без верници. Но, тоа е така само на прв поглед. Веќе при втората цигара, никој нема дилеми. Точно, меѓу угостителите има многу „портокалови“ за ваквите кафеани да се бројат на прстите од една рака!
Фала на прашање, кршењето на антипушачкиот закон се врши со благослов на власта во строго определени локали. Нивниот број мора да биде мал, за во нив секогаш да се бара место повеќе. Слободното столче во тие ,оази на чадот, е вистинска скапоценост, без оглед на времето во денот или ноќта. И, штом е така, тогаш никој не смее ниту да праша за цените на „останатите“ услуги. Пијачката и лапачката е поскапа за најмалку четвртина од вообичаеното, но, кој мисли на цената кога со неа следува и цигара без опасност од стотици евра казна!?
Па, да, колкава и да е, сметката никогаш не е зголемена до тие височини, а за ќеифот ич муабет да не правиме. Зар поефтино би минале со последиците од чашката и цигарата в рака пред кафулето? Удрете ја математиката за две болештини од по седум дена и со песна ќе платите 100 денари за пијачката што вообичаено чинела 80 денари!
Се поставува прашање, колкав е ќарот од селективната примена на антипушачкиот закон? Кои локали се најпогодни за власта да им прогледува низ прсти? Навидум парадоксално, но, идеални се токму објектите што пред примената на законот работеле на работ на рентабилноста. Со слободниот влез за пушачите, власта комотно станува партнер во бизнисот на газдите кои до вчера мислеле да стават катанец на врата. Но, како може да се одреди рушветот за таа услуга, кој ќе ја овозможи долговечноста на зделката?
За пример ќе земеме солидна кафеана, која во добрите времиња имала приход од 30.000 евра месечно. Со антипушачкиот закон, нејзиниот приход се преполовил, како што се случило и кај конкуренцијата. Со 15.000 евра месечно, објектот е на позитивна нула, меѓутоа, со воведувањето на цигарите на менито, нејзините потенцијали автоматски се катапултираат. Наспроти некогашните 75, објектот сега без проблем работи со 100 проценти искористеност. Оти гости има како плева, се работи со резервација, затоа што не може да се постигне од гостите што некогаш бирале меѓу 100 локали, а сега се ограничени во потрагата по слободна маса во едвај десетте „благословени“ кафеани!
Значи, и со некогашните цени би се стигнало до 40.000 евра месечен приход. Но, како што реков, порокот си има цена, па сега се е поскапо за барем четвртина и приходот скока на заокружени 50.000 евра. Кој го тоа овозможи, дами и другари? Се разбира, влијателниот „портокалов брат“ од власта, кој за таа услуга може комотно да наплаќа 20.000 евра месечно, а угостителот уште да му биде и благодарен, затоа што, наместо позитивна нула, сега и за него има цели 15 илјадарчиња.
Така вели дигитронот: 15 за трошоците на работењето, кои едвај се покривале со почитување на антипушачкиот закон, 20 за поткуп на власта, 15 илјади за газдата и стигнавме до 50-те илјади месечен приход. Со само десет локали на таков режим на работа, власта печали 200 илјади месечно или 2,4 милиони евра годишно. Меѓутоа, тоа ни од далеку не е точната бројка. Нејзината вредност е пред се илустративна, колку да се знае процентуалниот распоред на поделбата на пленот. Нормално, потенцијалот на бизнисот се мери со годишниот приход на целиот сектор од нормалните времиња, сега поделен меѓу неспоредливо помалиот број угостители!
Глумењето ревносност во спроведувањето на законот ќе потрае, оти, очигледно, никој нема лесно да се откаже од мрсната заработувачка во услови кога практично се работи без конкуренција. Меѓутоа, велам, тоа е само дел од колачот. Замислете, што ќе се случува со објектите кои неминовно ќе пропаѓаат пред налетот на оваа незаконска конкуренција. Со тек на време, под притисокот на трошоците, голем дел од газдите ќе го напуштаат угостителскиот бизнис, па така ептен „природно“ ќе се зголемува бројот на муштериите за привилегираните. Друг дел ќе дигне раце од бизнисот воопшто, а тоа драстично ќе ја намали цената на нивните објекти. Еден Господ знае, колку пари ќе ќарат сите оние што сега имаат кеш на располагање за купување деловни простори!
Очигледно, на дело е „рекомпонирање“ на силите во овој мошне профитабилен бизнис. На едни ќе им се стемни, на други нагло може да им осамне. Во скоро време може да се очекува менување на сопственоста на кафулиња, кафеани, дискотеки… за прилично мали пари. Тешко може и да се претпостави, колкав профит ќе извлечат власта и нејзините миленици од наводно големата грижа за нашето здравје. На ниво на Македонија, секако, чија куповна моќ не е премногу голема, но, воопшто не е за потценување, доколку се насочи кон десет пати помалку објекти во угостителството.
Да не зборуваме за „секундарниот бенефит“ од дисциплинирањето на пушачите. Сите тие, до последниот, ќе бидат жигосани како сѐ уште неоткриени сторители на многу потешки недела. Оти, таква е логиката на оваа бескрајно алчна и безобразна власт. Замислете, на последната владина седница било заклучено дека сите кршачи на антипушачкиот закон се уште поопасни поради неодговореното детективско прашање: Какви ли се други незаконитости прават тие угостители, штом толку „дрско“ им отвориле врати на цигарите!? Не сакам да мислам, какви мудролии ќе смислат Груевци, откако ќе дојдат на теренот на моралот, на слабиот карактер кај пушачите… Тешко нас!
Да, нашите „преродбеници“ не сметаат за максимално глупави, од Марс паднати, па затоа божем не знаеме дека пушењето е дозволено само во објектите на газдите што имаат „дил“ со власта. Но, тоа не е ништо ново. Мене ме чуди опозицијата, која практично не го користи тутунскиот чад за големо палење на народното незадоволство. Безмалку половина гласачи се пушачи. Плус десеттиците илјади што живеат непосредно од угостителството, кое пропаѓа без пепелници на масите. Не е, белки, уште од сега да имаат подготвено свои луѓе, како замена за оние што „живи ќе бидат изедени“ откако ќе дојдат на власт, па не сакаат да го „расипуваат“ системот во кој сите мора да попушиме, за џебовите на грст среќници да чурат од задоволство!?