Антимонополската комисија ја проверува законитоста на тарифникот на сметководителите

by Фокус

Комисијата за заштита на конкуренцијата испитува дали одлуката на собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители за донесување на акт утврдување на минимални цени на книговодствените работи и надомест за сметководствените услуги е спротивна законските одредби за слободна конкуренција на пазарот.

„Во конкретниот случај, Комисијата прибира податоци со цел да утврди дали постои евентуален прекршок на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата“, велат за Фокус од комисијата за борба против ограничување на конкуренцијата.

Инаку, Законот за заштита од конкуренција забранува облици на спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, како и мерки и постапки во врска со ограничувањата на конкуренцијата, со цел обезбедување слободна конкуренција на домашниот пазар.

Додека Антимонополската комисија ја проверува законитоста на тарифникот на сметководителите, од Министерството за финансии веќе реагираа дека оваа одлука е незаконска, бидејќи, според министерството, Институтот нема надлежност да утврдува цени.

„Управниот одбор на Институтот  има надлежност да ги утврди критериумите за утврдување на цената на сметководствените услуги, но не и висината на надоместокот за тие услуги“, велат од Министерството, од каде побараа оваа одлука да биде ставена вон сила.

Од Институтот, пак, посочија оти во интерес на своите членови и општествената заедница, согласно Законот за вршење сметководствени работи, Статутот, Годишната програма за континуирано професионално усовршување на Институтот, IFAC-овиот кодексот за етика на професионалните сметководители и Меѓународниот стандард за едукација, ќе продолжи со активности за донесување и рангирање на сите критериуми кои ќе бидат основ за утврдување на цените на сметководствените услуги.

В.С.

Поврзани новости