Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во однос на годишните даночни пријави од игри на среќа денеска повикаа и апелираа да се води контрола на кешот што се добива, но и за заштита на личните податоци. Владата, финансиските институции и сите надлежни, бараат од Антикорупција, да најдат законски решенија за ова прашање и сериозно да ги испитуваат овие предмети.
Антикорупција досега има откриено неколку случаи за крадење податоци пријавени во Дирекцијата за заштита на лични податоци, што покажува оти има основ за перење пари, односно за можни финансиски злоупотреби и малверзации.
Горан Трпеноски, член на Комисијата, потсетувајќи на случај кога ДКСК има откриено оти еден функционер имал добивка од игри на среќа во бруто износ од еден милион и 170 илјади денари, а ги немал пријавено во анкетниот лист, дал изјава дека евидентираните приходи ги нема добиено, ниту има примено толкава сума на добивка. Откако било проверено во финансиска полиција, МВР и сите други надлежни институции, од страна на Управата за финансиска полиција ДКСК добила известување дека постапуваат по пријавата и по извршените полициски увиди од нивна страна, ќе поднесат соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство.
– Сите институции велат не можеме да го проверуваме кешот од играчите на среќа, казина и други. Никој нема контрола на тие пари. Ова е системска корупција, смета меѓу другото Трпеноски. Тој уште еднаш ги повика сите граѓани доколку имаат податоци за вакви случаи да ги достават до ДКСК, за да се открие, како што рече, „шемата“.
За Софка Пејовска Дојчиновска станува збор за добро организиран криминал и побара сериозно да се повика Основното јавно обвинителство за гонење корупција и организиран криминал. Според неа, она што до ДКСК досега допреле информации, се капка во море, и како што рече, се краде идентитетот на граѓаните.
Шемши Салаи, член на ДКСК, наведе дека можат да се проверат сите исплати што ги прават обложовалниците и казината, но дека има случаи каде се украдени лични податоци и исплатите се вршени на име на други лица.
– Тоа е навистина организиран криминал за перење пари и треба да се постапи, рече Салаи.
Тој образложи тааков случај со поранешната министерка и пратеник Елизабета Канческа-Милевска, која навремено имала поднесено антетни листови, но во годишната даночна пријава за 2018 година кај нејзиниот сопруг не била наведена добивка од игри на среќа во износ од еден милион 60 илјади 166 денари. Заради проверка на тие податоци, ДКСК се обратила до Канческа-Милевска и таа изјавила оти ниту нејзиниот сопруг, ниту таа никогаш ниту играле, ниту добиле таков износ и оти тоа е некакво подметнување.
На седницата беше и предметот воден од Нури Бајрами, член на комисијата, за Ева Шуклева, која за сите функциии и позиции на кои била именувана не поднела анкетен лист за имотна состојба.
Шуклева, како што информираше Бајрами, поднела анкетен лист на 06.09.2017 година при нејзин избор за претседател на Надзорниот одбор на АД МЕПСО. Таа на 25.07.2019 година поднела оставка на функцијата, а на 26.07.2019 година е иманувана за член и претседател на Управниот одбор на МЕПСО. Од оваа функција е отповикана на 01.12.2020 година и истиот ден е именувана за член на Управниот одбор и заменик на генералниот директор на фирмата.
Нури Бајрами посочи дека Шуклева за сите наброени функции и позиции, не поднела анкетен лист или изјава за промена на имотната состојба. Тој потсети дека службено лице при секое именување и разрешување треба во рок од 30 дена да достави изјава за имотна состојба и интерес.
– За двете погоренаведени функции согласно Законот за прекршоци има застареност, а за двата случаи во текот на 2020 година се поведени прекршочни постапки. Глобите се платени, но е побарано да достави анкетен лист за најновата состојба, рече Бајрами, додавајќи дека по барање на членовите на ДКСК и на јавноста иницијативата е покренета по последната одржана седница на Комисијата на 16.12.2021 година и се уште се чека да биде доставен анкетниот лист.