Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница одлучи да покрене иницијатива до Основното јавно обвинителство по спомежите за злоупотреба на личните податоци на граѓаните преку Управата за водење на матичните книги и фирмите Новатек ИНВ и Аукта.
Тие во 2021 го добија тендерот тежок половина милион евра за дигитализација на Управата за водење на матични книги во постапка, која ја почнал тогашниот директор Бујар Дардишта а ја продоложил Блерим Абази.
Од Антикорупциска велат дека ќе бараат кривична одговорност за двајцата поранешни директори ан Управата за водење матични книги.
Според ДКСК во двете тендерски постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста односно личните податоци на граѓаните на РСМ при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги.
При дефинирањето на условите во тендерот, се барале сертификати кои докажуваат квалитет на економските оператори за работа со класифицирани т.е. доверливи податоци и информации, но не и квалитет за собирање, контрола, обработка и пренос на лични податоци. Личните податоци, велат од Антикорупциската комисија, не се класифицирани за да се сметаат за доверливи, туку истите подлежат на висока заштитна регулатива согласно со легислативата за заштита на личните податоци.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска рече дека кај овој предмет постои висок ризик особено со тргување на лични подататоци и изрази надеж дека анализите на Комисијата ќе им придонесат на истражителите во постапувањата.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци било побарано да изврши вонредна супервизија во УВМК, со цел да се провери кој сè имал пристап до скенираните документи за лични податоци, како истите биле чувани, дали биле заштитени, дали воспоставениот систем за нивна заштита бил ефикасен и ефективен и дали истите се употребени за незаконски цели. Агенцијата влегла во УВМК и во наодите од извршената вонредна супервизија навела дека има „сериозни пропусти при т.н. дигитализација на матичните книги”.
„Имаме ситуација на изразени ризици дека се изнесени лични податоци и не се знае каде се отидени на граѓаните на оваа држава од страна на Управата за водење на матични книги преку економските оператори што го добиле овој тендер и нивната меѓусебна поврзаност, изјави „ Владо Горгиев член на ДКСК.
Според, ДКСК, освен ова, постои сомневање дека тендерите се добиени како производ на незаконски влијанија, а тоа е поткрепено и со наоди на Управата за финансиска полиција.
Сопственикот и управител на Новатек, инаку се јавува како основач и застапник на Здружение за меѓу гранична соработка помеѓу Република Северна Македонија, Албанија и Косово.