Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, во интервју на ТВ 24 говореше и за привилегиите на членовите на Комисијата, односно дали и зошто ДКСК барале дипломатски пасоши кога нивните претходници ги немаа и дали и зошто ДКСК барале службени возила кога нивните претходници ги немаа?
Димитровска одговори на сите прашања, но, според „360 Степени“, одговорите што во меѓувреме ги добиле од три институции покажале дека таа не ја говорела вистината.
Во однос на прашањето дека има има информација дека побарале седум автомобили, претседателката на ДКСК одговори: „Не, не е точно тоа. Автомобили воопшто не се побарани. Можете тоа да го видите и со Буџетот. Односно, со бараните средства, со ребалансот којшто е доставен до Министерството за финансии, којшто ќе биде достапен. Возила седум никогаш не се побарани“.
Но, одговорите до кои дојде „360 степени“ покажале дека ДКСК барале службени автомобили, и според Владата и според Агенцијата за управување со одземен имот.
Од Агенцијата одговориле дека добиле барања во два наврати. Првиот пат Антикорупциска барала едно возило, по што добиле покана да ги разгледаат возилата, но не бендисале ништо. Вториот пат, Агенцијата не била во можност да им додели возила бидејќи нема функционален управен одбор.
Дополнително, од Агенцијата за управување со одземен имот велат дека би сакале да ѝ помогнат на ДКСК, особено поради улогата на институцијата. Истакнуваат и дека само во изминатава година имаат отстапено повеќе од 200 возила на државни институции.
По одговорот од Агенцијата за управување со одземен имот, „360 Степени“ се обратиле и до Владата.
„ДКСК има валиден договор за вршење на општи и заеднички работи и услуги за 2024 година со СОЗР согласно кој има можност за вршење превоз за моторни возила за службени потреби. Врз основа на договорот за општи и заеднички работи и услуги за 2024 година склучен со СОЗР, ДКСК во последните неколку месеци има побарано по две возила во три наврати, а едно возило за последното барање. Согласно договорот, услугата за превоз е со надоместок односно со фактурирање“, одговориле од таму.