Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на јавна седница денеска ги разгледа двете претставки поднесени на 28 ноември годинава против Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и против СДСМ.
Комисијата му препорача на ОЈО Скопје, како надлежен орган да преземе мерки и активности за испитување на наводите во нив и да им достави комплетна информација.
Првиот приговор е поднесен од МВР преку дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов, а поради непочитување, на одредбата од членот 8а од Изборниот законик. Во преставката, се наведува дека повредата ја извршил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со злоупотреба на својата службена положба и овластување.
Според комисијата, наводите укажале дека на денот и по денот донесување на решението за распишување на изборите министерот еднострано извршил распоредување и унапредување на лица вработени во МВР.
„ На овие вработени во МВР им се исплатува зголемена плата различна од редовните месечни исплати што ги примале пред денот на донесеното решение за распоредување. Со тоа се предизвикува финансиски импликации, односно вонредни исплати од буџетските средства“, било констатирано на денешната седница на антикорупциската комисија.
Претседателот на комисијата Игор Тантуровски во врска со вториот предмет посочи дека станува збор за претставка поднесена од Илија Илиоски, овластениот претставник на Коалицијата за предвремени избори предводена од ВМРО-ДПМНЕ против Коалицијата на СДСМ, општина Куманово, градоначалникот на општина Куманово и ЈКП Куманово.
„Приговорот е поднесен за непочитување, односно повреда на одредбите од членот 8б од Изборниот законик и во него се наведува дека повредата ја извршиле вработени во ЈКП Куманово и претставници на СДСМ и коалицијата. Наводите укажуваат дека на денот и по денот на донесување на решението за распишување на изборите користејќи службени возила и вработени од Јавното комунално претпријатие Куманово пренесуван е изборен и предизборен материјал за партиски цели на СДСМ и коалицијата“, рече Тануровски кој смета дека приговорот бил основан.
Тануровски откри дека со приговорот биле доставени и фотокопии од фотографии, објава од текстови од медиуми и видеа на ЦД.