Антикорупциска организира јавна расправа за Законот за дивоградбите

by fokus

Државната комисија за спречување корупција организира јавна расправа за Законот за дивоградбите, кој повторно е во собраниска процедура, откако претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише.

Повод за дискусијата, како што информираат од ДКСК, се дилемите што ги отвори носењето на законот за легализација дивоградбите, но и високиот степен на корупција во урбанизмот и градежништвото.

-Воочен е широк простор за злоупотреби и корупција во урбанизмот и градежништвото. Како пример може да послужат: донесувањето на генералните и деталните урбанистички планови, измената на урбанистичките планови заради легализација на бесправните градби наместо планирање на просторот, големиот број бесправни градби, издавањето дозволи за градење и располагање со земјиште кои се во постапка на денационализација, селективниот однос на општините и органите при уривањето на бесправните објекти и при санкционирање на прекршителите на законот, високиот процент на нереализирани решенија за уривање на бесправно изградени објекти, како и големиот број станбени и деловни згради меѓу дивоградбите, велат од Антикорупциска.

Дискусијата ќе се одржи во вторник, а покрај претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, присутни ќе бидат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, судијата Владимир Туфегџиќ, претставници од кабинетот на премиерот и од министерството за животна средина, како и експерти по урбанизам.

Поврзани новости