Државната комисија за спречување на корупција нема надлежност да ја испитува продажбата на деловниот простор од 413 квдадрати на ДУИ во ТЦ „Мавровка“ за 80.000 евра, кој, како што објави „Фокус“, преминал во сопственост газди на спортски обложувалници, што претходно го користеле под закуп за месечна кирија од 500 евра.
Деловен простор на ДУИ во „Мавровка“ преминал во рацете на сопственици на спортски обложувалници!
„Во конкретниот случај нема законски основ за надлежно постапување на ДКСК од причина што се работи за приватен имот“, ни одговорија од ДКСК, која, пак, активно постапува за деловно-административна зграда во Тетово, која, како што пишувавме лани, „интегративците“ ја купиле со кредит откако претходно имотот минал низ рацете на неколку компании.
ШТО ОБЈАВИ „ФОКУС“?
Што се однесува до имотот во „Мавровка“, неделникот „Фокус“ објави дека ДУИ во 2013 година стекнал деловен простор со површина од 413 квадратни метри, но во 2020-2021 година, тој преминува во сопственост на тетовски бизнисмени поврзани со спортски обложувалници, кои го купиле просторот за 80 илјади евра, откако неколку години претходно го држеле под закуп за 500 евра месечно и го користеле како кол-центар.
Според податоците што ги обезбедивме, нови газди на овој имот станале браќата Емир Шефити и Илир Шефити, кои ја поседуваат компанијата „Банана Кицк“, основана во 2016, а лиценцирана во 2020 година, кога всушност друштвото го купува просторот на „интегративците“. Претходно, тие го реновирале дуќанот и го користеле како кираџии, но откако станале газди, решиле да го издадат на ИТ-компанија од Албанија.
– Деловниот простор своевремено е купен од „Ве-Ве Груп“. Неодамна, со одлука на партиските тела, одлучивме да го продадеме деловниот простор. Го купија лицата што претходно неколку години го имаа под закуп и го користеа како кол-центар – ни изјави Бејтула Адеми, финансиски директор на ДУИ, додавајќи дека се е чисто и транспарентно.
Еден од сопствениците на „Банана Кицк“ – Емир Шефити, за „Фокус“ вели дека купопродажниот договор со ДУИ за деловниот простор во „Мавровка“ го склучиле кон крајот на 2020 година и тој изнесувал 80.000 евра. Како што вели, просторот претходно го користеле под кирија за нивни потреби и плаќале околу 500 евра месечно. Но сега, откако веќе го купиле, не го користат за себе, туку го издаваат под закуп на ИТ-компанија.
– Во просторијата сме биле под закуп некаде од 2015 година, со месечен надомест од 30.500 денари. Пред да го изнајмивме просторот беше во лоша состојба, за што се јави потреба целосно да се среди, од глетување до целосно нов плафон со вентилација и армстронг спуштен плафон, без никакво греење или било каков под. Од таа причина и киријата беше со релативно ниска цена поради фактот дека самите инвестиравме во просторијата да во истата има услов да се користи и работи – вели Шефити.
Тој додава дека во 2020 година од ДУИ ги известиле дека сакаат да го продадат просторот, па имајќи го во предвид фактот дека веќе имале вложено средства во целокупната адаптација за канцелариски услови заедно со инвентарот, одлучиле да го купат просторот за, како што вели, да ја заштитат нивната инвестиција. Воедно, тврди дека со ДУИ немаат никаква релација, ниту пак имаат „друг имот или било каква друга трансакција и донација“.
РЕАКЦИЈА НА АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА
По објавување на сторијата, реагираше албанската опозиција. Повикувајќи се на податоците објавени во „Фокус“, претставници на Демократко движење, Беса и Алтернатива, обединети во „Европски сојуз за промени“, на прес-конференција во „Мавровка“ истакнаа дека врвот на ДУИ е вплеткан во меѓународен скандал, бидејќи, меѓу другото, издавале простор за 10 пати пониска цена од реалната и на крај бил продаден за, како што велат, смешна сума.
– Овој објект од 2014 до 2021 година бил во сопственост на ДУИ, која го издава на компанија која се занимава со приредување игри на среќа за само 500 евра месечно, додека реалната вредност е 10 пати поголема. Истиот деловен објект во 2021 е купен од истата компанија за смешни 190 евра м2. Значи фирмата „Банака Кицк“ на браќата Емир и Илир Шефити, од закупец станува сопственик на овој деловен простор – рече Фари Исени од ДД.
Покрај тоа, тој додаде дека тие располагаат со „уште многу други детали“ кои сакаат да ги изнесат. Во таа насока, Исени посочува дека се работи за „уште еден огромен скандал во режија на сицилијанскиот октопод на раководството на ДУИ“. Притоа, постави и неколку прашања:
„Дали е точно дека со дозвола на врвот на ДУИ во оваа просторија нелегално се приредуваат игри на среќа преку интернет, таканаречено онлајн коцкање? Дали е точно дека нелегалното коцкање се приредува за државјани на Турција и Албанија да играат на овие платформи, бидејќи во нивните држави игрите на среќа се забранети? Ако е ова е точно, дали ДУИ е директно вмешан во овој нелегален бизнис?“
Влатко Стојановски