Кон крајот на идниот месец или, евентуално, на почетокот од февруари јавноста ќе биде запознаена со новата антикорупциска стратегија. За тогаш, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) планира да го обелодени документот што ќе се однесува за периодот 2026-2030 година. Ова за „Фокус“ го потврди првиот човек на ДКСК Адем Чучуљ кој информираше дека ќе се настојува таа да биде целосно остварлива. „Претходните четири години покажаа незадоволително ниво на реализација на актуелната национална стратегија која важи за периодот 2021-2025. Само 31 отсто од зацртаните цели се исполнети, заклучно со минатата година. Процент што нема многу да се зголеми кога ќе се направат и вметнат пресметките и за 2025“, изјави за “Фокус“ челникот на Антикорупциската комисија Чулуљ.
Паралелно, вели тој, се направи и анализа која требаше да ги детектира слабостите и да ги открие причините за нереализираните чекори запишани во стратегијата за четиригодишниот период што за некој ден ќе истече. Првичните проценки покажуваат дека актуелниот стратешки документ бил преширок, поточно, опфаќал 13 сектори во кои требало да се мониторираат во континуитет. „Затоа новата стратегија ќе биде сведена на седум сектори, што значи дека ќе биде поконцизна, попрецизна и, со самото тоа, верувам дека ќе биде и поостварлива“, потенцира Чулуљ.
Токму затоа, во моментов интензивно се работи на подготовката на драфт верзијата. Работни групи во кои се вклучени сите засегнати страни – од државните и локалните институции, медиумите и невладините организации подготвуваат, како што велат од ДКСК, конкретни мерки и активности што треба да бидат опфатени со документот. По подготвувањето на првичната работна верзија, тој повторно ќе се најде на проверка и анализа кај сите инволвирани во процесот кои треба да дадат дополнителни забелешки, предлози и сугестии што ќе го финализираат текстот на стратегијата. По што таа ќе биде предадена на усвојување во законодавниот дом. Така усвоената стратегија, според челникот на Антикорупциска, треба да отвори пат за нов начин на организација и дејствување во битката против корупцијата.
З.Фиданоски