Мирчевски го доби Јани Бојаџи на суд за мобинг: Психички го малтретирал, му давал бесмислени работни задачи, го бркал од работа

by irena 13:31
13:31

Со правосилна судска пресуда пред некој ден се утврди дека директорот на Алфа ТВ, Јани Бојаџи подолг временски период психички го вознемирувал тогашниот извршен продуцент во телевизијата, Ненад Мирчевски.

Целата голгота по судските лавиринти траела цели четири години, со што на крај Мирчевски ја издвојувал победата, со што се докажува само еден школски пример на мобинг.

За овој случај биле донесени дури шест пресуди, почнувајќи од тоа дека на Основен Граѓански суд, Мирчевски ја добива битката, но затоа пак Апелација ја укинува и ја враќа на повторно судење. По втор пат, повторно е пресудено во корист на тужителот, кој го трпи мобингот, но во овој случај пак Апелација ја преиначува и ја менува во корист на директорот на Алфа ТВ. Веќе третиот пат ја пуштаат на ревизија на Врховен суд, кој досудува во корист на тужителот Мирчевски и ја враќа повторно на Апелација, која на крај ја завршува приказната во корист на тужителот, кој го трпи мобингот.

Неговата адвокатка Маја Ристова сподели дека е постигната голема победа.

„Со правосилна судска пресуда се утврди дека Јани Бојаџи, како директор на Алфа ТВ, во подолг временски период психички го вознемирувал мојот клиент Ненад Мирчевски, вработен како извршен продуцент. Оваа пресуда е јасна потврда дека гласот на поединецот има моќ да донесе промена и дека истрајноста, и покрај долгиот и тежок пат, на крај дава резултати“, истакна Ристова.

Според пресудата со која располага „Фокус“, на 9 февруари, 2021 година од страна на поранешниот извршен продуцент Мирчевски преку својот полномошник била поведена судска постапка за психичко вознемирување на работното место.

Од тоа што може да се забележи е дека Бојаџи му давал бесмислени работни задачи, психички го малтретирал, изолирал, му предизвикал чувство на страв, професионално и кариерно го деградирал, со што период од една година му вршел класичен мобинг на Мирчевски на неговото работно место.

Целата голгота на извршниот продуцент во Алфа ТВ започнува од март, 2020 и трае се до 15 јануари, 2021 година. Најпрвин, Јани Бојаџи без никакво објаснување, усно го разрешува од позицијата и на негово место поставува човек, кој првпат се појавил таму.

„Веднаш се појави организациски хаос во телевизијата, по што тужениот ми се јави да ја средам работата и пак се врати се во нормала. За после, на средината пред април, на Велигден да ме прераспореди во новинар, со што кога беше најдолгиот лок доун за време на ковид кризата да немам простор да поднесам жалба, со што ми го уништи цел христијански празник.  Јас на 23 април некако успеав да поднесам жалба, па тој ме исфрли од канцеларијата и после тоа продолжи малтретирањето“, истакнува Мирчевски.

Тој покренува и судски спор, но се обраќа и до Трудов инспекторат, кои потврдуваат дека на тужителот му се повредени правата од работен однос, а од таму му дале инструкции да го одложи извршувањето/ И по се ова, Мирчевски не ја извршувал работата како извршен продуцент.

Во документите со кои располагаме, се гледа дека сега веќе поранешниот извршен директор немал основни услови за работа, односно немал компјутер, интернет, немал функционален принтер, немал место за складирање на документи, за што потврдува Државниот инспекторат за труд во известувањето од 15 јануари, 2021 година.

Тоа што е најинтересно, а и најчудно во целата оваа мобинг приказна се бесмислените и апсурдни работни задачи, кои Мирчевски ги добива од директорот на Алфа ТВ.

„Една од работните задачи дадена на 11 август, 2021 година е „Истражување, анализи и развој на продукциски план за преадаптација од уреднички во презентерски вести и наративно драматуршко развивање на информативната програмја со посебен осврт на програмите со политички тематски опсревации“, додека пак една од дадените работни задачи дадена на 9 ноември, 2020 година е „Релјефот на планината Пелистер и метафизичкото значење на планинските езера“, со што се потврдува какви бесмислени задачи добивал тужителот“, се наведува понатаму во документите.

Сепак, од исказот на тужителот Мирчевски може да се забележи дека најголема болка, за која како што тврди дека никогаш нема да му ја прости на Бојаџи е како побарал обично парче хартија дека е вработен за неговата тогаш четиригодишна ќерка да ја достави во градинка соогласно тогашните ковид протоколи.

„Тој го искина листот и рече нека си работи од дома. Тоа нема никогаш да го заброравам, на четиригодишно дете покажа каква мизерија од човек е. На 11 август, 2020 година ми дава листа на работни задачи, кои цела една армија не може да ги сработи, вработените имаат забрана да комуницираат со мене. Овој човек, заради него три години живеам во ужас, ми ја уништи професионалната кариера, приватниот живот, социјалниот живот, ми ја загрози егзистенцијата, ми го наруши здравјето и за него е се тоа смешно“, истакна Мирчевски во својот исказ.

Сепак, тој по цели четири години ја добива судската битка против Бојаџи дека врз него бил вршен класичен мобинг.

И.М.

 

 

 

Слични вести