Антикорупциската комисија денеска испрати писмо со кое го известува претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека премиерот не може да биде и министер за финансии.
Известувањето го пренесуваме интегрално:
Државната комисија за спречување на корупцијата, во врска со Предлогот за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија со бр. 08-2072/3 од 23.06.2019 година, доставен до Собранието на Република Северна Македонија, со кој, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија е предложен за министер кој ќе раководи со Министерството за финансии, смета за потребно да укаже на следното:
- Согласно член 72 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси:
„Службеното лице во своето работење, е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за неогово одбегнување.“
- Согласно член 44 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси:
„Избраното или именуваното лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“ и
„Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга.“
Имено, во случај кога Претседателот на Владата на Република Северна Македонија би се избрал за министер за финансии, ќе настане повреда на горецитираните одредби, при што, Државната комисија ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.