Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформи предмет за утврдување дали има судир на интереси, непотизам и корупција поврзан со тендерите што ги добил сопругот на државната секретарка Гордана Клинчарова во Министерството за дигитална трансформација.
Од СДСМ вчера ја повикаа Антикорупциска и Обвинителство да го расчистат случајот и побараа оставка од министерот Стефан Андоновски.
Министерот на посебна прес- конференција за тендерите рече дека се до потписот не знаел чија е компанијата, но истражил откога го видел презимето. Компанијата ги исполнувала сите критериуми па решил да потпише за Министерството да не се соочи со судски процеси.
СДСМ денеска го поздрави брзото постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата. Од партијата велат дека повеќе од јасно е дека министерот Андоновски е вмешан и главен одговорен за овој случај.
„Чекорот на ДКСК е во вистинска насока, но сега е на ред Јавното обвинителство – правдата мора да биде задоволена!
Фактите се кристално јасни: компанијата на сопругот на Клинчарова добила два тендери, а министерот Андоновски прво се обидуваше да сокрие, а потоа и да оправда оваа скандалозна ситуација со апсурдни изговори. Ова не е само судир на интереси – ова е очигледен случај на корупција!“ се вели во соопштението.
СДСМ најави во текот на денот дополнителни докази, кои ќе ѝ помогнат на ДКСК, но и на сите надлежни институции, во целосно расчистување на овој случај.