Државната комисија за спречување на корупцијата не извести дека оформила предмет во врска со објавата во Фокус дека кон Бесмира Ејупи, поранешна ТВ-презентерка која се споменуваше како кандидат за генерален конзул во Њујорк, за нецела година се извршени 39 трансакции од страна на 5 буџетските корисници во вкупен износ од 732 илјади денари или околу 12.000 евра.
„Предметот се однесува за проверка на основите по кои наведените институции му исплаќале средства на наведеното лице“, кусо изјавија од ДКСК.
Како што објавивме, најмногу трансакции и најголема исплата кон Ејупи е регистрирана од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, од каде преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруар годинава.
Како што велат од правобранителството, Ејупи ја ангажирале со договор на дело за извршување на повеќе работни задачи поради недостиг на соодветен кадар, кој, како што истакнуваат, не можел да се обезбеди преку постапките за редовни вработувања.
„Со лицето Бесмира Ејупи е склучен договор на дело за вршење на студиско-аналитички и нормативно-правни работи, остварување на комуникација со медиумите, Владата и други државни органи, подготвување на стручни анализи за процесот на реализација на заклучоци на Владата…“, стои во одговорот што го добивме од ДП.
Освен од оваа институција, чија примарна задача е заштита на интересите на државата, Ејупи истовремено соработувала и со 4 општини под ставката „други договорни услуги“, меѓу кои е и Чаир на чело со Висар Ганиу, од каде преку 11 трансакции и исплатиле 94.935 денари или околу 1.500 евра.
Иако од Општина Сарај предводена од Блерим Беџети била извршена една трансакција помалку, сепак, вкупната исплатена сума кон Ејупи е поголема и изнесува 210.000 денари или околу 3.400 евра, имајќи во предвид дека сите 10 трансакции се во износ од по 21.000 денари.
Досега, од овие две општини раководени од градоначалници на ДУИ не добивме одговор зошто ја ангажирале Ејупи и кои биле нејзините работни обврски? Сепак, одговор добивме од Општина Петровец на чело со Борче Митевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од каде Ејупи инкасирала вкупно 160.000 денари или околу 2.600 евра преку 6 трансакции.
„Се работи за ангажман кој бил остварен во периодот април 2021-октомври 2021 година. Ангажираното лице давало услуги од областа на комуникација со медиуми за работата на нашата општина, а сето тоа почитувајќи ги одредбите од Законот за употреба на јазиците. Ангажираното лице ги извршувало работите навремено и ефикасно“, велат од Општината.
Исто така, една трансакција од 20.000 денари е регистрирана и од руралната тетовска општина Брвеница, каде на последните локални избори победи Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, но исплатата кон Ејупи датира од април лани, кога градоначалник беше Енвер Пајазити од ДУИ.
Како што не информираа од оваа општина, договорот е склучен за вршење за работи врз основа на Законот за осигурување во случај на невработеност и врз основа на Одлуката за условите, критериумите, начинот и постапката за утврдување и остварување на правото на социјална помош.
-Севкупно, договорот содржи 3 члена – посочија од таму, додавајќи дека не се дефинирани работните задачи и обврски на лицето со кое општината го склучила договор и му исплатило средства од општинската каса.
Инаку, Ејупи работела како новинар-презентер, по што се кандидирала за член во Комисијата за антидискриминација. Меѓутоа, таа не била избрана во ова тело, но станала член на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи раководено од Бујар Османи ја предложи за шеф на дипломатско-конзуларното претставништво во Њујорк. Но, под притисок на јавноста, Владата ја повлече оваа кадровска одлука.
Влатко Стојановски