Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска во вечерашното гостување на ТВ 24 најави дека комисијата ќе отвори предмет за внуците на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, односно за унапредувањето на Бесијан Ахмети во прв секретар на македонската амбасада во Брисел, како и за доделувањето државни средства од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за Дрин Ахмети.
-За да се добие некоја позиција или да се оствари некое право, треба да се помине низ одредени пропишани процедури. Доколку се прекршат или не се почитуваат, тогаш се работи за влијание. Ние на тој начин го докажуваме влијанието. Ќе ги побараме документите за внукот на Ахмети кој работел во економија, па отишол во Брисел. Значи, ќе проверуваме како дошол тој на таа позиција, рече Ивановска, но и дополни дека е мошне тешко да се докаже постоење на трговија со влијание.