По сторијата на „Фокус“, ДКСК и УЈП ќе го испитуваат потеклото на имот на таткото на Арсовска

by Fokus

Неколку дена по објавувањето во „Фокус“ дека таткото на актуелната градоначалничка Данела Арсовска поседува голем недвижен имот од над 3.500 квадратни метри експресно реагираше Државната комисија за спречување корупција.

Од таму нѐ известија дека оформиле предмет за проверка на вистинитоста на податоците од анкетниот лист на градоначалничката на Скопје.

Ве известуваме дека ДКСК заклучи согласно со член 92 од Законот за спречување корупција и судирот на интереси да оформи предмет за проверка на вистинитоста на податоците од анкетниот лист и изјавата на интереси на Данела Арсовска, поднесени до ДКСК по изборот на функцијата градоначалник на Град Скопје“, изјавија од Антикорупциската комисија.

Од самата Комисија ни потврдија дека не постојат никакви критериуми при поднесување на анкетните листови. Тоа значи дека сите избрани функционери се должни во рок од 30 дена од стапувањето на функцијата да поднесат анкетен лист за својата имотна состојба, на брачниот другар, родители, деца со кои живеат во исто домаќинство.

Но, сепак, откако анкетните листови ќе бидат поднесени, никој од Антикорупциска не проверува дали податоците што се дадени се точни, поточно како што ги доставуваат, така истите податоци само се внесуваат во систем.

По објавата во „Фокус“, со реакција се јавија и од Управата за јавни приходи. Од таму тврдат дека од 2019 година наваму не спроведуваат повеќе постапки за испитување на имотната состојба на именуван или избран функционер, туку според Законот за личен данок спроведуваат посебна даночна постапка за физичките лица што не се носители на јавни функции.

Тоа значи дека во нивни раце е надлежноста да го испитаат потеклото на имот на поблиското семејство на Арсовска.

Управата за јавни приходи, согласно законските надлежности што ги има, континуирано постапува по основ на добиени пријави и претставки, по допрен глас од медиумски написи, анализа на податоци од годишните даночни пријави или по извршена контрола.

   

Согласно член 76, 77 и 78 од Законот за данок на личен доход, Управата за јавни приходи спроведува посебна даночна постапка за утврдување на данокот на личен доход на непријавени и неоданочени приходи за физичките лица што не се носители на јавна функција“, се наведува во одговорот од УЈП.

Од таму уште додаваат дека Законот мора да се почитува и да важи подеднакво за сите.

Нема разлика дали станува збор за јавни личности, функционери или нивни блиски. Секаде каде што ќе се утврдат отстапки или непочитување на Законските одредби, УЈП, согласно своите надлежности, ќе ги преземе соодветните правни дејства“, продолжува понатаму во реакцијата од Управата за јавни приходи.

Доколку во даночната постапка се утврди дека лицето поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените, кои потекнуваат од доход на кои не е утврден данок или не е доволно утврден и чие потекло не може да се докаже, УЈП донесува решение за утврдување на данокот на тој доход.

Основа за пресметување на данокот претставува разликата меѓу вредноста на имотот и докажаната висина на средствата за негово стекнување. Данокот на непријавениот доход се пресметува по стапка од 70 отсто.

Како што веќе објавивме, официјалната документација од Катастарот на недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиното семејство поседува голем недвижен имот составен од куќи, хотели и згради, кој Арсовска не го пријавила во анкетниот лист, затоа што се води на име на член од семејството со кој не живее во исто домаќинство.

Поточно, Јовановски во Кисела Вода поседува куќа со двор од 719 квадратни метри, како и стан со површина од 115 квадратни метри. Преку имотниот лист со број 30005 му е впишана сопственост врз недвижен имот од 534 квадрати, исто така во Кисела Вода, каде што на иста адреса таму е лоциран и хотелот „Империал“.

Од друга страна, имотниот лист со број 44553 покажува и сопственост на станови во три различни објекти со вкупна површина од 619 квадрати, со тоа што во оваа квадратура не влегуваат помошните, подрумските простории и заедничкиот простор.

Но, тоа не е сѐ. Како што веќе објавивме, Јовановски, кој пред 30 години бил инспектор во МВР, поседува компании каде што претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка Арсовска.

Целиот текст може да го прочитирате во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости