Антикорупциската комисија бара од Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација поради спорната продажба на земјиштето спроти „Холидеј Ин“ и ГТЦ, каде што беше планирано да никнат висококатници.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска соопшти дека Комисијата го завршила предметот кој се однесува на продажбата на градежното земјиште кај паркингот „Холидеј ин“, кој бил отворен по сопствена иницијатива по наводи изнесени во медиуми за сомневање за злоупотреби со продажбата на парцелата.
-Дел од ова земјиште што го продава Министерството за транспорт и тоа некаде околу 625 метри квадратни е на семејство што започнало процес за денационализација во 2003 година. Но, поради измени во Законот за денационализација од декември во 2010 година со кој се дозволува располагање со имот којшто е предмет на денационализација земјиштето е продадено пред да биде завршен процесот на денационализација – нагласува Ивановска.
Министерство за транспорт и врски, пак, со писмено соопштение реагира дека отуѓувањето е извршено според позитивната законска регулатива.
„Согласно членот 68 од Законот за градежно земјиште, градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија се отуѓува со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30% од градежната парцела“, реагираат од Министерството.