Државната комисија за спречување на корупцијата е пред самоукинување. Оваа инситуција која само на хартија е независна и самостојна, а е задолжена за битката со македонската корупција, е во длабок молк и тогаш кога од нејзините членови јавноста очекува реакција и нотирање на коруптивно однесување, како што е последниот пример на техничката влада која вчера објави оглас за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и на фондации во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра.
Антикорупциската комисија не само што не реагира на вчера објавениот оглас на техничката влада на Емил Димитриев, премиерот до изборите кои се одржаа пред речиси четири месеци, туку е и тотално недостапна за јавноста. На телефонските броеви објавени на официјалната страница на комисијата никој не се јавува со денови. Назначено е и лице одговорно за односи со јавноста Антонија Андонова Тасевска, која не креваше слушалката и покрај нашето упорно настојување да добиеме реакција од државните антикорупционери.
Славко Ѓоршески, лице задолжено за слободен пристап до информации од јавен карактер, чиј телефонски број исто така е објавен на страницата на комисијата, ни објасни дека одговорот на нашето прашање треба да го побараме од одговорното лице за односи со јавност на објавените телефонски броеви, но не знаеше да ни каже како граѓаните ќе дојдат до одговри кога никој не се јавува на ниту еден од трите телефонски броеви.
Во недостиг на официјална реакција на државните антикорупционери „Фокус“ го консултираше Драган Малиновски , адвокат и член на првиот состав на Комисијата за спречување на корупцијата кој смета дека владата со оглед на нејзиниот статус (техничка) треба да се воздржува од потези кои значат креирање на нови политики или имплементирање на нови системи. Во овој контекст е и фактот што поголем дел од министрите во техничката влада истовремено се и пратеници во законодавниот дом.
Огласот на Владата за финансирање граѓански здруженија и фондации е објавен три и пол месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија. Тогаш поранешниот премиер и лидер на ВМРО – ДПМНЕ најави десоросоизација“ на невладиниот сектор во земјава. Подоцна во мега интервју во „Република“ откри дека финасиската поддршка на невладините ќе биде еден од чекорите на најавената десороизација.
„Генерален е проблемот и не е само по повод огласот за поддршка на невладиниот сектор. Не знам колкава била претходно финасиската поддршка на граѓанските организации, но во случајов очигледно е дека станува збор за креирање нови политики и поставувањето на нови системи, што не е иманентно на сегашниот статус на владата“, вели Малиновски и додава дека во овој случај е недозволиво што молчи Државната комисија за спречување на корупцијата бидејќи таа не е обврзана да реагира само кога е во прашање работење спротивно на Законот за спречување на корупцијата. Нејзината улога и функција, вели Малиновски, е и квалитативно да цени и совесно работење и да препознава активности и потези кои се неприфатли.
„ Но, тие се далтонисти и не можат да препознаат кога станува збор за активности кои не се недозволени според законот, но се неприфатливи“, додава Малиновски.
Огласот што го објави техничката влада предвидува грантови во износ од околу 1.845.000 денари ( 30.000 евра), до 3.075.000 денари (50.000 евра,) кои ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа.
Владата ќе доделува грантови и за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.
Предвидени се и помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра,преку проекти за зголемување на економскиот пораст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и во информатичката технологија.
С.М.