Антикорупциската комисија ја проширува истрагата и ќе ги проверува сите судии и обвинители што завршиле на Академијата за судии јавни обвинители од нејзиното формирање од 2006 година, објави Државната комисија за спречување на корупцијата.
Просветниот инспекторат ќе проверува дали и другите факултети издавале проблематични уверенија како она што го добил Барлет Џафери и со него аплицирал за полагање правосуден испит. Дали тие што истражуваат криминал и делат правда дошле до своите позиции со заобиколување на законите?
– Антикорупциска ќе ги проверува досиејата на сите судии и обвинители што завршиле Aкадемија од нејзиното формирање. Освен документи на Академијата, Антикорупциската ќе ги проверува и сите други универзитети какви уверенија се издавале.
-Ако утврдиме дека сегашни судии и јавни обвинители полагале предвреме, а сега делат правда тогаш ова ќе треба да се решава на друго ниво. Ова е всушност на некој начин проверка или ветинг, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Ова следува откако ДКСК утврди дека синот на собранискиот спикер, Талат Џафери предвреме положил правосуден испит, а потоа Државниот просветен инспекторат утврди дека на Универзитетот за Југоисточна Европа биле давани уверенија по Болоњскиот систем во кои стоеле и 180 кредити, но и степен 7/1 што одговара за четири години. Засега Обвинителството не отвори никаква постапка за овој случај, единствено ДКСК најави дека ќе продолжи да истражува.