Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси формира работна група, чија задача ќе биде да изготви информација за постапувањето на комисијата во однос на предметите во изборниот процес.
Решението до кое дојде Фокус покажува дека работната група треба да ја сочинуваат три члена (претседател и двајца членови), кои треба да направат посебно проучување и обработка на материјал, со цел да ја изготват бараната информација.
Со оглед дека за таа цел членовите на работната група се задолжуваат со дополнителни обврски покрај секојдневните обврски што проилегуваат од нивното работно место, во решението се наведува дека на членовите на групата им следува дополнителен еднократен паричен надомест.
Имајќи во предвид дека решението е изговено, но не е комплетирано со впишување на сумата што им следува на членовите на работната група, ниту е парафирано, се обидовме да стаиме во контакт со првиот човек на Комисијата Игор Тантуровски.
-На состанок сум сега, да се слушнеме подоцна – ни изјави Тантуровски, но подоцна ниту одговараше на нашите телефонски повици, ниту на смс-пораките, во врска со решението на комисијата.
Поранешен член на Комисијата вели дека оваа одлука за формирање на посебно тело, кое треба да добие дополнителни средства за подготвување на информација поврзана со изборите, е нетипична и несвојствена.
-Додека јас бев член на комисијата, самите членови на комисијата подготвуваа извештај за изборите во или вон работното време и никој не земал дополнителни средства за тоа – вели тој.
В.С.