Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) уверува дека аптеките наскоро ќе бидат снабдени со антибиотиците во форма на сирупи кои се веќе неколку недели дефицитирани. Од таму потврдуваат дека има недостаток на некои антибиотици за деца, кои се со широка употреба и кои најмногу се користат и препишуваат.
„Таблетарните форми на антибиотиците амоксиклав, коалмацин и панклав, кои имаат ист состав, се наоѓаат во промет во аптеките во земјава. Во моментов има недостаток на суспензијата за деца, но МАЛМЕД веќе има одобрена увозна дозвола за суспензијата амоксиклав и се очекува лекот да го има во аптеките следната недела. Во најскоро време треба да ги има и панклав и коалмацин за деца“, велат од Агенцијата.
За недостатокот на овие лекови алармираа педијатрите и докторите по општа медицина преку социјалните мрежи. Лекарите велат дека кај децата виреат бактерии поради временските промени, а родителите мака мачат да ги најдат потребните лекови.