Ансамблот за народни игри и песни на Македонија, „Танец“, вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе има новогодишен концерт со кој ќе ја затвори јубилејната, 70-та година од своето постоење. На концертот ќе гостува и Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло“ од Србија.
– По серијата коцертни чествувања низ градовите низ земјава и меѓународните претставувања во Франција, Шведска и Австралија, „Танец“ вечерва со гостите од „Коло“ ќе ја исполни сцената на МНТ со бесценетите антологиски кореографии на „Тешкото“, Невестинското“, „Драчевка“, уникатното „Старобосанско немо коло“, српските игри од Стара Планина, од Западна Србија и Босилеградскиот крај, како и повеќе оркестарски ора и песни, меѓу кои и познатото „Касапско оро“, популарните „Не стој Доне, Донке“, „Ој, Мораво“ и многу други. На сцената ќе бидат над 120 учесници, а капацитетот на Македонскиот народен театар беше мал за да ги покрие со билети сите љубители на врвниот музичко-сценски фолклор. Картите за овој настан беа распродандени за само неколку дена, соопшти „Танец“.
На вечерашниот концерт премиерно ќе биде изведена новата кореографијата „Радовишки собор“ на Јовица Блажевски, претставник на последната генереција кореографи на „Танец“ кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите постановки „Посеље“, „Кумановка“, „Малешевка“ и „Пијанец“.
Блажевски подолг период го истражуваше регионот на Радовиш и од материјалите собрани на терен избра новата кореографска творба да ја темели врз изворните радовишки соборски ора „Кукурику петле“, „Ситната“, „Трченица“, „Тоска“ и „Маца вода лие“, како и ороводната песна „Покрај, накрај Кате“. Музичката обработка е на познатиот македонски хармоникаш, композитор и аранжер Дарко Илиевски, долгогодишен член на оркестарот на „Танец“.
„Танец“ објави и најново ДВД-издание од јубилејниот концерт што го одржа во јуни годинава во Националната опера и балет, а за 70-годишнината е објавена и двојазична монографија која ќе биде претставена пред вечерашниот концерт, од 19 часот во фоајето на МНТ.
Книгата е насловена „Остани во чекор“ и е посветена на десет антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“. Автор е етномузикологот Кирил Тодевски, а преводот на англиски е на Марија Џонс. Публикацијата е на „Арс Ламина“ и содржи комплетни нотографии за сите десет корепграфски постановки направени од Марко Коловски, а изобилува и со богат фотографски материјал од архивата на ансамблот.