На прашањето „за која партија ќе гласате на наредните избори“, повеќе од 43 отсто од гласачите одговориле дека нема да гласаат, дека не знаат за кого ќе гласаат или дека ќе го поништат ливчето.
Од оние кои се определени, во убедливо водство е ВМРО-ДПМНЕ (22%), а 11,5% од испитаниците рекле дека ќе гласаат за СДСМ.
За ДУИ би гласале 9,2 отсто, за Левица 5%, Алијанса за Албанците 3,5 отсто.,
Ова го покажуваат резултатите на анкетата на „МКД.мк“ спроведена од агенцијата „Маркет вижн“ од 5 до 16 јуни.
Вкупно 60,9% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ има доверба од 12%, во однос на Димитар Ковачевски кој има доверба од 6,1%.
Доверба на Али Ахмети му дале 5,9% од испитаниците, во Димитар Апасиев веруваат 3,7%, а во Никола Груевски 2,9% од испитаниците.
За разлика од анкетата во февруари, Мицкоски има благ раст (од 11% на 12%) во популарноста меѓу гласачите, а Ковачевски пад – од 8,2 на 6,1 отсто.
Споредено со февруарската анкета, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст за нешто повеќе од еден процент, СДСМ пад за 0,9%, популарноста на ДУИ, Левица и Беса растат…
Повеќе од половина или 56,8% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори.
Анкетирањето беше спроведено од 5 до 16 јуни 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%.