Вкупно 46,5 проценти од граѓаните сметаат дека земјата се движи во лоша насока, наспроти 32 процента кои сметаат дека земјата се движи во добра насока, додека секој петти или 19,9 проценти смета дека насоката е иста, односно, ништо не е променето, покажуваат резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) за ставовите на граѓаните за актуелните политички случувања во земјата.
Истражувањето е спроведено со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, со статистичка грешка грешка од 3,1 процент со прифатливо ниво на доверба од 95 отсто.
Мнозинство од испитаниците или 68 проценти сметаат дека Владата не направила доволно за случајот „Рекет“, а според 55,1 процент дека опозицијата не е доволно посветена на реформската агенда кон ЕУ.
На прашањето „Дали според Вас, треба целосно да се имплементира Преспанскиот договор, без оглед на исходот на последниот самит на Европскиот совет?“, една третина од испитаниците или 33,2 проценти одговориле позитивно, а мнозинството од 55,8 отсто дале негативен одговор.
Речиси половина од испитаниците сметаат дека Владата е виновна за недобивањето датум за преговори со ЕУ (46,8%). Мало малцинство од испитаниците вината за тоа ја гледаат кај Франција (22,5%) и внатрешните проблеми на ЕУ (15,6%). Незначително малцинство од испитаниците, пак, сметаат дека опозицијата е виновна за недобивање датум за преговори со ЕУ (9,7%). На прашањето за тоа кои се алтернативите сега, мнозинство од испитаниците одговориле дека треба да продолжиме со реформите без оглед на исходот со датумот за почнување преговори со ЕУ (65,3%), а мало малцинство од испитаниците одговориле дека сега алтернатива треба да ни биде Евроазиска Унија (21,8%).
Истражувањето е составено од три дела: Моментални политички случувања во државата, Ставови во однос на изборниот процес и Доверба во политичарите и политичките партии. Останатите два дела од истражувањето ќе бидат објавени во текот на неделата.