Осум од десет Грци, сигурно (61 отсто) или веројатно (21 процент) ќе ја примат вакцината против Ковид-19, а шест од десет сакаат колку е можно побргу да се вакцинираат, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на ситуацијата со пандемијата во Грција, 59 проценти од анкетираните изразуваат загриженост за новите мутации, а со оглед на тоа дека земјата од 7 ноември 2020 година е во карантин, 35 отсто сметаат дека потребно е веднаш да се олабават мерките, додека пак 34 проценти одговориле дека најдобро е да има мало продолжување на рестрикциите.
Поделено е мислењето на граѓаните во однос на тоа како Владата управува со пандемијата, со оглед на тоа дека 47 отсто од анкетираните ги оценуваат позитивно владините одлуки и активности и исто толку негативно.
На политичката сцена, Мицотакис и понатаму е во предност пред Ципрас во однос на тоа кој е посоодветен за премиер. Актуелниот претседател на грчката Влада добива 44 отсто, лидерот на СИРИЗА 27 проценти, а 27 отсто го одбрале одговорот „ниту еден од двајцата“.
Разликата меѓу владејачката Нова демократија и опозициската СИРИЗА е 11 проценти, намалена за три отсто споредбено со истражувањето еден месец претходно.
На прашањето „ако следната недела има избори, за кого би гласале“, Нова Демократија добива 35 отсто, СИРИЗА 24 проценти, а понатаму следат Движење на промена (6,5 проценти), Комунистичката партија (5 отсто), Грчко решение (4,5 проценти) и МЕРА25 (3 отсто), додека пак 15 проценти од анкетираните или одбиле да одговорат или рекле дека не знаат или дека нивното ливче ќе биде неважечко.
Истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 26 до 28 март со учество на 1.306 лица со право на глас.