Над половина граѓани би ги поддржале уставните измени за внесување на бугарското малцинство со одложено дејство, односно да стапат во сила откако земјата ќе стане членка на Европската унија. Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) на Владимир Божиновски.
Според податоците од анкетата, на прашањето „Дали мислите дека треба да се изврши промена на Уставот и да се почнат преговорите со ЕУ доколку промената на Уставот има одложено дејство“, 52 отсто од анкетираните граѓани одговориле со „да“, а 42 отсто дека се „против“ промена на Уставот и со ваков услов.
На анкетата имало прашање и „Дали го поддржувате францускиот предлог“, за што повеќе од половината од испитаниците, односно 53 отсто, одговориле негативно, додека 28 отсто дека го поддржуваат.
На прашањето „Кој е најголем проблем со кој се соочува Македонија и Владата мора итно да го решава“ најголем дел од испитаниците, 37,5 отсто рекле дека тоа е криминалот и корупцијата. За 19,7 отсто од испитаниците најголем проблем е економијата и животниот стандард, а потоа се невработеноста, високите цени, квалитетот во образованието, здравството.
Во однос на довербата во политичарите испитаниците, според анкетата на ИПИС, на прво место го ставиле премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. За Мицкоски се изјасниле 27,8 отсто од испитаниците, а оние што не веруваат во никого биле 26,5 отсто.
На второто место е лидерот на ДУИ, Али Ахмети за кого се изјасниле 8,6 отсто од испитаниците. Зад нив е претседателот на СДСМ, Венко Филипче во кого веруваат 5,5 отсто од испитаниците.
На оваа листа со одговори се наоѓаат и експретседателите на земјата Бранко Црвенковски и Стево Пендаровски, кои добиле доверба од 1,5 односно 1,1 отсто од испитаниците. Со ист рејтинг е и екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кого рекле дека веруваат 1,1 отсто од испитаниците.