Еден ден пред почетокот на предизборната кампања за вонредните прелиминарни парламентарни избори во Бугарија, закажани за 2 октомври, социолошката анкета на агенцијата „Тренд“ покажува дека доколку изборите се одржат денеска во новото Народно собрание би влегле седум партии.
Анкетата е нарачана од весникот „24 Часа“ и се спроведе со директен контакт, полустандардизирано интервју лице в лице, во периодот од 15 до 22 август, меѓу 1.007 полнолетни граѓани.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, анкетата покажува дека за партијата ГЕРБ, на Бојко Борисов, би гласала 24,4 отсто, а за партијата на Кирил Петков „Промените продолжуваат“ – 19,6 отсто.
На третото и четвртото место со минимална разлика се Движењето за права и слободи и националистичката „Преродба“ со 10,6 отсто, односно 10,3 отсто.
На петто место е Бугарската социјалистичка партија со 8,6 отсто, и таа покажува благ пад во довербата кај избирачите од еден отсто.
„Демократска Бугарија“ би добила 7,3 отсто, а партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев – „Бугарски подем“ би го минала прагот за влез со 4,5 отсто.
Партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ доби 3,9 отсто од анкетираните и засега останува надвор од идното 48. Народно собрание.
Партиите на Маја Манолова со 1,9 отстои ВМРО со 1,2 отсто остануваат под цензусот од четири отсто за влез во парламентот.
Анкетата покажа и дека дури 61 отсто од анкетираните сакаат Бугарија по секоја цена да има редовна влада по предвремените парламентарни избори. Околу 19 отсто сметаат дека треба да има нови избори доколку компромисите за формирање нова влада се преголеми.
Преодната влада на Галаб Донев добива 32 отсто одобрување за својата работа, 34 отсто се против, а останатите 34 отсто не можат да просудат или не знаат. Поскапувањата за 40 отсто од анкетираните се најголемиот проблем со кој се соочува Бугарија во моментов, а 19 отсто укажуваат на енергетската криза.
За изборите на 2 октомври пријавени се вкупно 29 бугарски политички формации, од кои 23 партии и шест коалиции.