Кандидатот за градоначалник на Карпош од редовите на СДСМ, Душко Весковски, има 10 проценти повисок рејтинг пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски, покажува теренската анкета спроведена од агенцијата „Рејтинг“ врз 700 испитаници.
Според оваа анкета, 35,7 отсто од испитаниците во Карпош се изјасниле дека го поддржуваат Весковски, 25,4 од испитаниците го поддржуваат Зафировски, додека на трето место е кандидатот на Левица Дарко Ристовски со 8,6 проценти.
Што се однесува до поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, кој влезе во трка и на овие избори како кандидат на неговата партија ГРОМ, има поддршка од 8,4 проценти, а 1,9 отсто од анкетираните се изјасниле во корист на кандидатот на коалицијата на ЛДП и ДОМ Христа Најденов.
Инаку, 8,6 отсто од испитаниците рекле дека се уште не одлучиле за кого да гласаат, 6,7 отсто рекле дека нема да гласаат за ниту еден кандидат и 4,7 отсто рекле дека одбиваат да одговорат на прашањето.
Што се однесува до советничките листи, 35,3 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле позитивно за советничката листа на коалицијата на СДСМ, наспроти 24,9 отсто кои дале доверба на советничката листа предложена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа, советничката листа на Левица има приближна поддршка како и кандидатот за градоначалник (9,3 отсто), додека советничката листа на ГРОМ има поддршка од 5,6 отсто, или за неколку процентни поени помалку од партискиот лидер Јакимовски.
Дополнително, оваа анкета покажува дека 41,9 отсто од испитаниците сметаат дека работите во општина Карпош се одвиваат во правилна насока, а 17,4 проценти сметаат дека урбанистичкото планирање и уредување на општината е главниот проблем со кој се соочува општината.
Според овие бројки, Весковски има шанси за победа уште во првиот изборен круг, додека се очекува шарена слика во општинскиот совет, каде покрај СДСМ и ВМРО треба да бидат застапени Левица, Гром, а можеби и здружените ЛДП и ДОМ.